Централниот регистар на населениеето кој од денеска е пуштен во употреба ќе биде алатка која ќе го помогне спроведувањето на пописот, во исто време ќе биде корисен и во процесот за пречистување на Избирачкиот список, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Тој појасни дека Регистарот ќе овозможи собирање на податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки, во исто време на институциите ќе им овозможида ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање.
Регистарот на населението ќе биде основа за креирање на единствен електронски број на граѓанинот кој ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите. Секој граѓанин, рече Манчевски, има право да ги знае неговите лични податоци содржани во Регистарот.
Податоците во базата ќе се црпат од повеќе институции – МВР, Министерството за правда-Управата за водење на матичните книги и Централниот регистар.
Регистарот е проект финансиран од Европската унија, а за околу еден месец треба да профункционира и националниот портал за електронски услуги.