Статистика пресмета 11,9 отсто инфлација во мај, маслото за еден месец поскапело за 6,7 отсто

Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти. Во однос, пак, на мај минатата година, трошоците на живот (инфлацијата) се поголеми за 11.9, а цените на мало за 12.1 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6.7 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6.2 %, млекото за 5.4 %, лебот и житата за 3.7 %, кафето, чајот, какаото за 3.1 %, сирењето и урдата за 2.9 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2.7 %, свежото и разладеното овошје за 2.6 %, месото за 2.5 %, рибата и морските плодови за 2.3 % и друго.

Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19.0 %, услугите за сместување за 7.5 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7.4 %, накитот, часовниците и рачните часовници за 7.0 %, течните горива за домаќинствата за 5.8 %, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5.7 %, туристичките аранжмани за 4.3 %, обувките за 3.3 %, поправките и изнајмувањето на обувките за 2.6 %, производите за домаќинствата – нетрајни за 2.5 %, другите апарати и производи за лична хигиена за 2.2 %, чистењето, поправката и изнајмувањето облека, гасот за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 1.7 %. Забележан е пораст и мебелот и покуќнината за 1.6 %, канцелариските материјали и материјалите за цртање за 1.5 %, велосипедите за 1.2 %, другата облека и додатоците за облека, моторните возила за 1.1 %, текстилот за домаќинствата за 1.0 % и друго.