Државната каса за 2014 та ќе тежи 2,8 милијарди евра. Во фокусот се капиталните инвестиции- денес почнува собраниската расправа за буџетот. Во дневникот на МТВ вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески зборуваше за тоа каква расправа очекува. Во своите одговори Ставрески вели дека и наредната година владата ќе се фокусира на реализација на капиталните инвестици, зголемување на странските инвестиции и отварање на нови работни места.
„На Комисијата за финансирање и буџет, очекувам жестока расправа, но очекувам да биде и стручна да се базира на аргументи, да зборуваме за тоа како и со кои проекти ќе го подобриме животот на граѓаните , дали буџетот така како што е скроен со толку приходи и расходи со мерките и политиките што се предвидени ќе обезбеди редовна исплата на пензии, субвенции, сето она што е предвидено во Буџетот, капитални инвестиции и дали како таков ќе помогне македонската економија да оствари повисоки стапки на економски раст. Се додека е на база на аргументи јас во таквата дебата ќе учествувам целосно“, посочи Ставрески.
Тој додава дека е подготвен да се справи со аргументите и постојано повикувам да се дебатира на база на аргументи и да се соочат концептите и на база на тоа да се извлечат констатации дали добро или лошо се поставени економските политики и за следната година.
„Прашање колку опозицијата ќе сака да го слушне и разбере тоа дека во Буџетот се предвидени големи средства за капитални инвестиции преку 365 милиони евра, тоа е историско највисоко ниво на капитални инвестиции што ќе ја придвижи економијата како неколку инфраструктурни проекти како што се новите автопати, енергетски проекти, регионални и локални патишта , изградба на болници. Исто така субвенциите ќе бидат на највиско ниво на 140 милиони евра за земјоделците , ќе има покачување на пензиите, покачување на социјалната помош и платите и притоа ќе се задржи четврто најниско ниво на задолженост во Европа. Сите тие работи покажуваат дека имам аргументи а се разбира и многу повеќе детали во самата дискусија за да се убедиме дека Буџетот е тој што помогна Македонија да биде меѓу земјите кои подобро се справуваат со предизвиците на европската криза“, нагласува вицепремиерот.
Според него едниот столб на тој концепт се јавните инвестиции и во тој дел, смета Ставрески, покажале дека со високо ниво на капитални инвестиции и со форсирање на изградба на патишта, на пруги на училишта, болници и на се друго што се финансира од Буџетот може да се поттикне градежништвото кое што во Македонија остварува стапки на раст од околу 30 отсто , индустријата исто така која што е поврзана со градежништвото и на тој начин да и се помогне на економијата да оствари поголем раст, но и да се намали невработеноста.
„Ние сме единствена земја во Европа што во услови на криза во последните неколку години ја смали стапката на невработеност иако таа е се уште висока и голем број на луѓе не можат да најдат работа , но сепак има придвижување . Вториот столб се странските инвестиции кои што исто така покажаа извонредни резултати. Над 20 отсто од македонскиот извоз го сочинуваат компаниите што работат во слободните економски зони. Тоа е исто така политика на владата и капиталните инвестиции и странските дирекни инвестиции кои што се носители на растот се резултат на успешните политики на владата во изминатите години. Ако кажеме дека Македонија има трет најдобар раст на БДП во Европа за третиот квартал тоа покажува дека нешто добро се случува во македонската економија. Ние би сакале и повисок економски раст, се разбира. Тој економски раст го остваривме тогаш кога економијата во Европа беше посолидна како што беше во 2007 и 2008 година. Но во вакви околности кога во Европа растот е нула , во сите соседни земји има негативни стапки, значи се во рецесија, а Македонија остварува над три отсто раст, сметам дека тоа е добар резултат и дека тоа покажува дека и понатаму треба да продолжиме со политиките и мерките и во делот на капиталните инвестиции, но и во реформите за подобрување на бизнис климата и да го вклучиме тука поголемото банкарското кредитирање да можат и приватните компании од Македонија , домашните фирми повеќе да инвестираат“, истакна Ставрески.
Министерот за финансии очекува идната година да се отвораат нови работни места и во слободните зони и надвор од нив ширум Македонија, а посебно во регионите каде што невработеноста е висока.