Ставрески: СДСМ е единствена опозиција во светот која наместо да бара избори, бега од нив

Да работиме и да реализираме проекти што се значајни за подобрување на животот на граѓаните е нашиот стил на работа, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ставрески на денешната трибина која владејачката партија ја одржуваа во Градско во рамки на кампањата „На Македонија и треба твојата идеја“.

Ние се држиме до она што го ветуваме и до програмата и се обидуваме да реализираме максимум што може, односно се што ветуваме. Од друга страна може да видите какво е лицето на опозицијата и како тие се однесуваат, и претходно кога беа во опозиција и сега кога добија можност во неколку министерства да имаат свои претставници. Забележително е дека не може да се види ниту еден претствник на СДСМ кој е во извршната власт да зборува за нови проекти за подобрување на животот на граѓаните. Секој од нив излегува за некого да исплука, за да измисли наводна афера, да измисли случај. Тоа не е случајно, тоа е стил на работа на СДСМ сите овие години. Постојано да се прави проблеми во државата, да се ремети нормалното функционирање на државните институции и на животот на граѓаните, истакна Ставрески.

Тој додаде дека со нивното однесување била загрозена стабилноста на државата, економската стабилност и економскиот раст и она што значи подобар живот за граѓаните.

Ставрески додаде дека СДСМ е единствена опозиција во светот која наместо да бара избори, бега од нив и се обидува да ги одложи на разни начини.

Тоа е така затоа што им е јасно дека ја немаат поддршката од граѓаните. Сите анкети, посети на населените места укажуваат на тоа дека граѓаните  го прочитаа СДСМ и нивната игра и не наседнаа на таа игра. Останаа стабилни и разумно ја проценија ситуацијата. Граѓаните видоа кој работи во интерес на државата, а кој против нејзините интереси и интересите на народот, потенцираше Ставрески.