Стејт департмент: Шефот на UNRWA треба да може да влезе во Појасот Газа

Челникот на Агенцијата за палестинските бегалци на Обединетите нации (UNRWA) Филип Лазарини и другиот персонал на ОН треба да можат да ги посетат областите на дејствување на агенцијата, вклучително и Појасот Газа, изјави за новинарите во вторникот заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател.

Пател рече дека не може да коментира зошто на Лазарини не му било дозволено да влезе откако UNRWA и Египет соопштија дека Израел во понеделникот му забранил на шефот на агенцијата за бегалци да влезе во Појасот Газа.

„Ние сме на ставот дека тие треба да можат да ги посетат областите на операција на UNRWA, вклучително и Газа“, рече Пател на редовниот брифинг со новинарите во Вашингтон.

„Ќе продолжиме да работиме со владата на Израел за брзо и ефикасно одобрување на сите барани визи за персоналот на ОН и невладините организации“, додаде.

Пател рече и дека слободното движење на меѓународните работници е клучен дел од хуманитарниот одговор во Газа, каде населението е на работ на глад откако Израел започна воена операција како одговор на смртоносните напади на милитантите на Хамас.

Вашингтон, инаку најголемиот донатор на UNRWA го суспендираше финансирањето на агенцијата во јануари, откако Израел обвини 12 од 13.000 вработени на агенцијата во Газа за вмешаност во нападите на 7-ми октомври.

Меѓутоа, и Обединетите нации и Европската унија посочија дека Израел досега не дал ниеден доказ за таквото тврдење/

САД сè уште сметаат дека хуманитарната работа на UNRWA е неопходна, иако потегот на Вашгингтон да го суспендира финансисрањето поттикна уште неколку големи донатори негови сојузници да го сторат истото.