Стеблото на непотизам во општина Куманово поголемо од Охридскиот чинар

Стеблото на непотизам во општина Куманово на вработените роднини и функционери од СДСМ е поголемо од она на охридски чинар и не може во една прес конференција да се дотера до крај. Ова денес на прес конференција го изјавија членовите на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово.

Тие велат дека градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, освен по својата неработа и празните ветувања, ќе остане запаметен и по тоа што од општината Куманово успеа да направи приватна компанија во која се вработени неговите блиски роднини, братучеди, кумашни, како и роднини и пријатели на раководството на СДСМ.

Стеблото на непотизам во општина Куманово поголемо од Охридскиот чинар
Стеблото на непотизам во општина Куманово поголемо од Охридскиот чинар

Градоначалникот во Куманово изврши своевидно приватизирање на општината, каде што со нашите граѓански пари се вдомуваат луѓе од ним блиските семејства. Вистинските критериуми за вработување во општината и јавните претпријатија во Куманово изгледаат вака; наместо критериумот образование и диплома, дипломата во Куманово е замената со партиска книшка на СДСМ, но тоа не е доволно, потребно според Дамјановски и СДСМ е и да се има сина крв, критериумот стручност го заменија со критериумот задолжителна роднинска поврзаност со некој од раководството од СДСМ. Има уште критериуми, секој ново вработен наместо на граѓаните, треба да им служи на потребите на СДСМ и на нивната врхушка, изјави Никола Перовиќ потпретседател на УМС.

Резултатот на сето ова, потенцираше тој е општина во милионски долгови и нефункционални јавни претпријатија. Овие критериуми не ги исполнуваат способните, младите и образованите, туку роднините на Зоран Дамјановски и роднините на Оливер Спасовски и претседателот на СДСМ во Куманово.

Па така стеблото на непотизам во општина Куманово на вработените роднини и функционери од СДСМ е поголемо од она на охридски чинар и не може во една прес конференција да се дотера до крај. Сопругата на првиот братучед на Дамјановски, Билјана  Дамјановска е финансова директорка на ЈП Водовод, додека пак нејзиниот сопруг братучед на Дамјановски Горан Дамјановски е вработен во ЈП Пазаришта, во кое работи и кумашинката на Дамјановски, Маре Костовска, инаку мајка на претседателот на СДСМ во Куманово Мартин Костовски, кој е вработен во општина Куманово. Во ЈП Водовод работи братучетката на Дамјановски, Мери Јанковска. Па се стигнало да се вработи и синот на фотографот во општината Ангел Јакимовски, чија мајка е инаку братучетка на сопругата на Дамјановски, Ленче Јакимовска е вработена во градинката Ангел Шаиче, со што Дамјановски успеал да ја згрижи целата фамилија Јакимовски, рече Перовиќ.

Стеблото на непотизам во општина Куманово поголемо од Охридскиот чинар
Стеблото на непотизам во општина Куманово поголемо од Охридскиот чинар

Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ, своевремено и секретар на општина Куманово, го продолжил континуитетот на фамилијарното стебло, па ги вработил неговата сестра, Билјана Петрушевска во основното училиште Крсте Мисирков, како и неговиот зет Ненад Петрушевски во ЈП Водовод.

Максим Димитриески член на извршниот одбор на СДСМ, откако Зоран Заев стана претседател на СДСМ истовремено и претседател на советот на општината во Куманово, својата сопруга ја вработил во ОУ. „Кочо Рацин“, а неговата сестра во ОУ.„Браќа Миладиновци“.  Во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ се сместени првиот братучед на Дамјаноски, Момчило Дамјановски, кумата на Дамјановски Верче Трлин, како и кумашинот на Дамјановски Драган Живиќ, чија сопруга пак е вработена во ОУ „Тони Зордумис“, а во економското училиште е вработена и ќерката од братучедот на Дамјановски, Елена Крстевска. Згрижен е и поранешниот директор на ЈП Куманово Гас, Никола Денковски, рече Перовиќ.

Тој нагласи дека ова е срамен пример за работење на една општина, а Зоран Дамјановски и СДСМ, прават невидена злоупотреба на општината и ја имаат приватизирано за свои приватни и партиски интереси. Граѓаните на Куманово бараат да им се врати општината на граѓаните, заклучи тој.