Како иден градоначалник на општина Гази Баба давам цврсто ветување пред сите нејзини жители и мои сограѓани, дека образованието ќе биде една од приоритетните сфери на делување, а тоа лесно може да се провери преку застапеноста на образовните проекти во програмата со која настапувам на овие локални избори, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Бобан Стефковски, кандидат за градоначалник на Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Заедно со мојот тим и со локалната администрација, ќе се заложиме за целосна модернизација на образовниот процес во училиштата на територија на општина Гази Баба, преку особени големи вложувања во инфраструктурните услови, но и во набавка на нагледни средства и опрема во училниците за квалитетна настава каква што впрочем им треба на младите. Програмата за развој на општина Гази Баба во следните 4 години предвидува инвестиции за подобро образование на локално ниво во висина од речиси 270 милиони денари. Ова се средства со кои ќе биде изграден нов училишен објект, на основното училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто. Ќе се изградат 4 спортски сали во склоп на основните училишта „Григор Прличев“ во Железара, „25 мај“ во Ченто и во основните училишта во Црешево и Булачани, вели Стефковски.
Тој додава дека ќе се прошират капацитетите на објектите на „Крум Тошев“ во Трубарево и „Наум Охридски“ во Црешево.
-Ќе се постави централна климатизација и сончеви колектори на покривите. Ќе се заложиме за изградба на пристапни рампи и лифтови за учениците со попреченост, додека за безбедноста на децата, ќе се постави соодветна сообраќајна сигнализација околу секое училиште. Особено важно и за мене од голем приоритет, за прв пат општината ќе добие затворен базен кој ќе можат да го користат нашите ученици, а по часовите ќе служи и за рекреација на сите граѓани. Во делот на поддршка на семејствата на учениците, се обврзувам за обезбедување на еднократна поддршка од 3.000 денари за секое новозапишано првоодделенче, бесплатно учество на училишните екскурзии за секој ученик кој потекнува од социјално загрозено семејство, додека за сите ученици за прв пат ќе воведеме и ќе доделиме бесплатни ученички униформи кои ќе ја промовираат еднаквоста за која се заложуваме. Ова е најобемната програма досега во делот на образованието која во целост ќе се реализира во општина Гази баба. На 17-ти октомври, граѓаните на оваа општина ќе ги препознаат вистинските вредности, моите искрени намери и намерите на ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата. Заедно ќе ставиме крај на лагите на СДСМ и ќе создадеме нов почеток и подобра иднина во овој дел од Скопје, вели Стефковски.