Стојаноска: Мора да се заштити здравјето на граѓаните, бројот на заразени од корона не опаѓа

Власта не може да ја држи ситуацијата под контрола. Коронавирусот повторно ни чука на врата. Во текот на вчерашниот ден е забележан раст на бројот на заразени и од 145 тестирани имаме 22 ново заболени, ова денеска преку прес-конференција го истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата не презема ништо за да се заштити здравјето на граѓаните. Мерките на владата не дадоа резултат, целото општество претрпе загуби, а заразени се уште има и бројот пак расте. Несериозноста и неспособноста на власта е една од главните причини за лошата ситуација во која се наоѓаме. Секој петти заболен од корона е медицинско лице, тие немаат никаква заштита, сами си купуваат и маски и ракавици и дезинфициенси. Иста е сиуацијата и со другите вработени во јавниот сектор кои сами си купуваат заштитна опрема. Владата целосно потфрли. Големиот број на заболен медицински персонал е доказ дека не се запазени безбедносните протоколи и дека за власта не е битно ниту здравјето на граѓаните, ниту на медицинските лица. Неспособноста на власта се гледа и од податокот што како држава имаме смртност на милион жители повеќе од Грција, Бугарија и Албанија заедно, а бројот на тестирани ни е најмал во Југоисточна Европа. Во такви услови власта мисли само на себе, а не на сопствените граѓани. СДСМ знаејќи дека поддршката кај граѓаните забрзано ќе им паѓа во наредниот период брза на избори со цел да го намали сигурниот пораз, вели Стојаноска.

Посочи и дека во текот на вчерашниот ден излегоа со став и лекарите епидемиолози, кои се децидни дека за масовни собири од типот на избори се единствено можни само откако 28 дена по ред ќе немаме ниту еден нов случај.

Изглед за намалување немаме. Само во текот на вчерашниот ден се заболени 14.5% од вкупниот број на тестирани, што очигледно е и една од причините поради кои Филипче не тестира, доколку тестира бројот на заболени ќе биде многу поголем, а СДСМ ќе нема аргументи да бара избори во ек на коронавирус и да го ризикува здравјето на граѓаните. Ситуацијата во која се наоѓаме не е воопшто безопасна. Потребна е итна стратегија. Здравјето на граѓаните не смее да се става во опасност, рече Стојаноска.