Единствен начин за да се добие реална слика за бројот на заболени лица на терен е интензивирање на обемот на тестирање, објави во петокот доктор Синиша Стојаноски.
Неговиот Фејсбук статус со важни совети, го пренесуваме во продолжение:
Тоа ќе овозможи два многу битни, есенцијални, елементи во борбата со вирусот SARS-CoV-2:
1️⃣ Ограничување на контактите помеѓу детектираните заразени индивидуи и асимптоматските носители од една страна и здравата популација од друга страна. Со тоа истовремено ќе се постигне превенција и контрола на понатамошното ширење на вирусот;
2️⃣ И второ, но поеднакво важно, ќе овозможи што помало изложување на ризик на медицинските работници и целокупниот здравствен персонал да дојдат во контакт со потенцијално заразени (симптоматски или асимптоматски) пациенти, кои што не се тестирани;
Што всушност значат во пракса бројките кои што секојдневно се соопштуваат на прес конференции?
Дали е тоа реалната слика на терен?
Одговорот нема потреба да се образложува…..
За жал, полека, но сигурно, на сите веќе помалку или повеќе им станува јасно дека тие бројки се само врвот на “сантата мраз”.
Она што е уште позагрижувачки факт, се информациите на дневна основа за пораст на бројката на новозаразени здравствени работници и медицински персонал.
Не се потребни математички калкулации за да се постави прашањето кое што само по себе логично се наметнува….
За колку време со ваква динамика на десеткување на медицинскиот персонал ќе ни попуштат првите линии на одбраната против вирусот SARS-CoV-2?
Дополнително, на секој од нас му е кристално јасно дека ниту еден од здравствените работници и медицинскиот персонал не се заразил свесно или по своја вина со овој вирус.
Тогаш каде е реално проблемот?
▪️Дали сеуште нема доволни количини адекватна опрема?
▪️Дали недоволното тестирање ги доведува во ризик првите одбрамбени линии?
Ќе оставам секој да процени сам, без лично да дадам одговор. Оние што се на првите одбрамбени линии, многу добро го знаат одговорот.
Но, само ќе потенцирам дека, доколку хипотетички ни ослабат првите линии, исходот нема да оди во прилог на посакувано сценарио.
А во една таква непосакувана ситуација, потполно неважни ќе бидат прес конференциите, статистиките или бројките кои што се соопштуваат на дневна основа.
Целосен респект до колегите здравствени работници. Да се обезбеди максимална поддршка и заштита по секој основ. Не смее да се дозволи да бидеме земја лидер во бројот на заразени медицински лица.
Истовремено и апел до граѓаните максимално да се придржуваат до препораките и мерките на СЗО. Така сите заедно ќе си помогнеме кон позитивен исход во борбата со корона вирусот.
Тоа е единственот начин, затоа што секој живот вреди!