Стојаноски: Неопходен е итен и темелен скрининг на населението

Нема време и простор за математички калкулации, веднаш треба темелен скрининг на населението, а непознато е од каде, како и според кои параметри се доаѓа до констатација дека се стабилизира епидемијата, предупреди во саботата Синиша Стојаноски, член на Комисијата за здравство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по зачестените тврдења на власта дека ситуацијата со епидемијата на коронавирусот во земјата се смирила во настојувањата за брзо одржување на одложените предвремени избори.

„За да се дојде до соодветен заклучок или констатација од ваков вид, како и за да се изгради соодветна државна стратегија за излез од кризата, задолжително е да се спроведе неодложен, адекватен и темелен скрининг“, потсетува Стојаноски.

Посочи дека скринингот во некои земји од регионот систематски се спроведува последните неколку седмици, а во некои држави кои се позитивен пример, веќе речиси и цел месец наназад.

„Прашуваме како е кај нас состојбата на ова поле и зошто засега скринингот останува само во најава?! Зошто, доколку реално се намалува бројот на индивидуи кои што треба да се тестирани по индикација, како што нѐ уверува (министерот за здравство Венко) Филипче, сѐ уште не е започнат скринигот?“, праша Стојаноски.

Оцени дека ваквиот пристап е, како што рече – благо кажано нелогичен. Според Стојаноски, скринингот на медицинските лица требало веќе да биде во поодмината фаза, затоа што е неопходно е да се има реална слика каква е состојбата кај здравствените работници.

„Облигаторно е исто така, да се спроведе широк опсег на тестирања и кај сите останати лица од останатите ризични групи.За жал, останува присутна дилемата и прашањето зошто се доцни со овие постапки?“, продолжи Стојаноски.

Рече дека повеќе од јасно е оти за соодветна и успешна стратегија, неопходно е да се спроведува навремен и темелен скрининг, што веќе го покажале и податоците од земјите кои пристапија кон примена на оваа стратегија.

Стојаноски праша дали и бројките кои последните денови ги објавува минситерството за здравство реално покажуваат дека ситуацијата во земјата е под контрола. Предочи притоа дека доколку се спроведуваат помал број тестови, логично е дека ќе се добие и мал број новорегистрирани случаи.

„Но, дали ваквиот пристап реално ја отсликува состојбата на терен? Проценете сами. Станува збор за здравјето на граѓаните. Нема време и простор за математички калкулации. Едноставно е! Треба да се започне со темелен скрининг врз база на кој што ќе се изгради соодветна државна стратегија за излез од кризата“, заклучи Стојаноски.