Првото прашање ми е за Фондот за здравствено осигурување, 14 дена беше тотално нефункционален и можевме да видиме дека директорите кои што се двајца на број бегаа, не одговараа пред новинарите. Имавме тотално дисфункционален систем кој што и лекарите, аптекарите и оние кои што се пациенти не можеа да го користат. Слушнавме дека тоа било дело на хакерски напад, па се бараше откуп. Исто така таа институција има доста многу забелешки од Државниот завод за ревизија и кои што се констатирани отворени неправилности. И сите три прашања ми се концепираат на едно прашање на крајот, а тоа е еве како поединечно ќе ги наименувам дали некој во оваа држава ќе поднесе одговорност за нешто“, запраша Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Господине Ковачевски многу здравствени услуги беа недостапни, здравствениот систем и официјално влезе во колапс, и системот е се уште падни – стани. Директорот вели јас не сум ИТ експерт, не знам дали системот функционира или не функционира, ама не функционира. И несериозно е 14 дена со обезбедување да се бркаат новинарите и лекарите кои што штрајкуваат за да си ги земат платите“, заклучи Стојаноски.
Го запраша премиерот Ковачевски дали некој ќе понесе морална одговорност и дали се планирани оставки од Фондот за здравство.
„Второто прашање ми е за еврообврзницата. Ковачевски направивте многу голема штета на кредитниот рејтинг на државата. Пет дена низ Скопје патуваше документот со кој што требаше да биде таа еврообврзница реализирана. И замислете ги овие генијалци од власта, на 10-ти требало да ја издадат, а потписот односно Решението или Актот кој што требало да биде потпишан од Тупанчевски стигнало во министерство за правда на 15-ти односно два дена откако тој бил разрешен“, рече Стојаноски.
Посочи дека таа еврообврзница е со 6,5% камата која што ја прави убедливо највисока досега.
„Зошто Вие како премиер не сте го потпишале тој Акт за да ја издадете еврообврзницата? А, тоа го можете со одлука на Влада“, заклучи пратеникот.
Стојаноски го запраша Ковачевски да каже друга држава во светот во која што на ваков начин има направено ваков пропуст. Четири куќи кои што се многу сериозни од Северна Америка се имаат инволвирано во овој процес, и државата тие средства ќе треба да им ги плати бидејќи се инволвирани во процесот. Премиерот треба да каже за колку ги оштети македонските граѓани и кој ќе сноси одговорност доколку каматата за наредната издадена еврообврзница биде барем за 0,5% поголема.
„Третото прашање за правосудството, Ковачевски над 80% од граѓаните сметаат дека правосудниот систем е корумпиран. А, 79,8% сметаат дека има корупција во судството и обвинителството. 65,7% од граѓаните сметаат дека во Република Македонија не може да се добие фер судење. 73,9% граѓаните велат дека во земјава законите не важат подеднакво за сите“, рече Стојаноски.
Тој го запраша Ковачевски како новиот министер ќе помогне во реформирањето на правосудниот систем во кој што само 3% од граѓаните му веруваат.