Предмалку учествувавме на средбата во Собранието што беше организирана од пратеничката група на владејачката СДСМ која беше и предлагач на спорниот закон за што имаше денеска и студентски протест, изјави во понеделникот попладнето Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноски посочи дека пратениците на опозициската партија, иако непоканети од за него непозната причина, земале активно учество на средбата сакајќи да ги соочат аргументите и да ги дадат своите аргументи пред студентите, односно предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за решенија на нивните проблеми.
„Се случи една комична ситуација каде што прво од пратениците на СДСМ не ни беше овозможено правото на збор, но потоа по барање на дел од студентите ние го преточивме нашето решение. А, тоа е дека на втори ноември исто така и ние имаме поднесено закон под итна постапка, во кој што најголем дел ги решава и барањата на студентите. А, тоа е тргнувањето на сите оние спорни услови во овој момент кои што ги предлагаа со спорниот закон за добивање на студентски оброк. Односно почивање на истите оние услови кои што беа усогласени со законот од 2020-тата година. Како и заради инфлацијата од 20% и зголемување на цената на храната 30%, баравме зголемување на сумата на студентски оброк од 120 на 160 денари“, рече Стојаноски.
Истакна дека во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека постои фискален простор во Буџетот и за оваа година тоа да се издржи, а во наредната година со Буџетот од 5,3 милијарди евра суштински да се обезбедат средства за студентите.
Стојаноски посочи и дека по изложувањето на предлозите на ВРМО-ДПМНЕ срдбата била прекината и на пратениците им било кажано дека ќе продолжи во 18,30 часот, и тоа со присуство на премиерот Димитар Ковачевски.
„Само би сакал да ги повикам веднаш и без одлагање, особено без политички трикови затоа што политиката не треба да наоѓа место кога се работи за најмладите особено за студентите, веќе во среда имаме собраниска седница, мнозинството да ја изгласа потребата од овој наш предложен закон. И потоа веднаш ќе закажеме комисија за финансирање и буџет која што ја води опозицијата, и преку амандмани можеме да дојдеме до едно консензуално решение кое што ќе ги надмине сите отворени прашања на студентите“, рече Стојаноски.