Стојаноски: Предложениот буџет е инфлаторен, тој дополнително ќе нѐ заглави и задолжи

-Овој буџет кога ќе го видите вака како по учебник, тој е инфлаторен, односно нема да даде одговор на најсериозните прашања на македонското општество и кој дополнително ќе не задолжи и заглави, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
„Буџетот е со дупка од 1,5 милијарди евра и сметам дека тоа е нешто што Република Македонија нема да може да го издржи и ќе требаат многу сериозни корекции“, рече Стојаноски.
Тој не се согласува со логиката за зајакнување на стопанството кога се покачуваат ставките за договорни услуги, набавка на мебел и возила.
„Ако го видите буџетот како е конципиран и како тие средства идат кон стопанството тогаш ќе прифатам дека оваа теза е во право, но јас не можам да ја најдам логиката како ние ќе го зајакнеме стопанството кога ги покачуваме ставките за договорни услуги, за стоки и услуги, набавка на ситен инвентар, за мебел и возила, тогаш јас тука не можам да ја разберам логиката“, кажа тој.
Додаде дека нема да има градба на нови автопати, болници, училишта, спортски сали итн.
„Нема да се изградат нови автопати, болници, патишта, училишта, спортски сали итн. Доколку бевме во можност ние да ја администрираме Владата или министерството за финансии да ги скратевме сите непродуктивни трошења, да го задржевме на нивото како претходната година, бидејќи оваа година за разлика од претходната година имаме повисока инфлација“, вели Стојаноски.
Потенцираше дека буџетот е искритикуван од синдикатите, организацијата на работодавачи како и коморите.
„Буџетот е искритикуван од синдикатите ССМ и КСС, организација на работодавачи, коморите не се задоволни, потрошувачите не се задоволни. Тогаш тоа нешто сериозно кажува дека така концепираната фискална политика не го дава одговорот и треба нешто да се промени“, дециден е Стојаноски.
Додаде дека е невозможно оваа Влада да реализира капитални инвестиции во вредност од 800 милиони евра.
„Од аспект на капитални инвестиции, невозможно е оваа Влада да реализира 800 милиони евра, кога во својот мандат почнала  километри автопат помалку отколку што сменила премиери. Оваа Влада смени 3 премиери за 6 години, а имаме само 2 километри автопат, и тие не се започнати. Токму затоа е малициозно да зборуваме за капитални инвестиции“, кажа Стојаноски.