Железничкиот сообраќај во нашата држава ги живее најлошите години од своето постоење. Не се памети кога железниците во Република Македонија биле во олку лоша состојба. За жал, на праг сме на целосно замирање на железничкиот сообраќај, а со тоа Македонија да стане единствената земја во Европа без железнички сообраќај, посочува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
-Пред 3 години со укинувањето на единствената меѓународна железничка линија Солун-Скопје-Белград, станавме меѓународно железнички изолирана земја, а сега со укинувањето на внатрешните железнички линии кон Кичево и Кочани се најавува и домашно замирање на овој превоз. Железниците во Република Македонија се во вештачка кома. Нема изградба на нови пруги, нема ремонти на постоечките пруги, нема набавка на нови возови и нови локомотиви. Буквално железниците се оставени на забот на времето. Како никогаш до сега, сведоци сме како локомотиви горат по македонските пруги, како вагони исклизнуваат на отворена пруга, како патничките вагони спротивно на сите железнички прописи во зима се загреваат со плински боци, како расположливоста на возниот парк поради не доволно одржување се преполовува, вели тој.
Стојаноски потенцира дека од друга страна пак, додека вработените во железница со право реагираат и ја чекаат својата плата за месец јуни, постојано фрчат огласи за нови партиски вработувања.
-Раководствата вршат масовна партизација со нови кадри. Патем според информациите од Железница, голем дел од овие ново вработени земаат плата, а не даваат речиси никаков придонес во работењето. Оттука наместо по секоја основа да се намалуваат непродуктивните трошоци, власта за свои партиски цели дополнително ги оптоварува буџетите на МЖ Транспорт АД и на ЈП МЖ Инфраструктура. Нема пари за плати на вработените, а има пари за нови партиски вработувања. Нема пари за изградба на пруги и набавка на нови возови, ама има пари за набавка на супер луксузни лимузини за директорите. Очигледно е дека оваа Влада предводена од СДСМ нема ниту волја, ниту има капацитет да се справува со предизвиците на железничкиот систем во нашата држава. Се покажало во минатото, секогаш кога СДСМ е на власт железницата стагнира. Наместо да спроведуваат проекти за подобровање на железничкиот сообраќај тие размислуваат како побрзо да ги продадат и да се оттарасаат од железниците. Да не се заборави владата на ВМРО ДПМНЕ купи 6 нови возови, 4 нови електрични локомотиви, 150 товарни вагони, а СДСМ не се способни ни да ги управуваат, а камоли да купат нови. Ете тоа е СДСМ, рече тој.
Стојаноски посочи:
„Затоа што поскоро оваа неспособна Влада треба да си оди од власт, а на нејзино место да дојдат стручни кадри кои максимално посветено ќе работат, но овојпат не за обнова, туку за одново градење на се што е до сега уништено“.