Стојкова Серафимовска: Програмата на Министерството за култура е најскандалозна – нема ништо од национален интерес

Oвогодинешната програма на Mинистерството за култура е најскандалозната програма, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска во „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Стојкова Серафимовска истакна дека иако насловот на конкурсот бил „Финансирање на проекти од национален интерес во културата“ сепак во Годишната програма нема национален интерес.

– Таму нема македонски  автори, ниту во музичко сценска, ниту во драмска дејност, не гледаме промоција на македонската национална кутура и тоа го велам мислејќи на државната култура. Не може фестивал како што е „Денови на македонска музика“ кој е единствен за презентација на македонски композитори, да добие најмалку средства. Тоа е скандалозно, ова е единствена манифестација која промовира македонска сериозна музика – нагласи таа.

Стојкова Серафимовска посочи дека иако министерката се пофали во однос на културното наследство, сепак оваа влада на која и припаѓа на министерката  не се грижи за ништо национално.

– Нема доволно средства за нематеријалното наследство, дури и прекршувања на законот за заштита на културно наследство,  дадени се средства на институција која не е овластен субјект за заштита. Министерката треба да знае кои се проекти од национален интерес.  Нема ниту проекти за оние добра кои се впишани во УНЕСКО и за кои државата има обврска да ги финансира. Националните институции се оштетени, а финансирани програми се финансирани само со наслови без никаква содржина, никој не знае какви се тие проекти – нагласи Стојкова Серафимовска.