![israel-express-medical-25](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/01/israel-express-medical-25.jpg?resize=500%2C330&ssl=1)
На Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје наскоро ќе почне да се извршува трансплатација на црн дроб, за која во Македонија годишно имаат потреба помеѓу 10 и 12 пациенти. Болните веќе нема да одат во странство за таа скапа интервенција, а здравствениот систем во земјава ќе има голема заштеда.
Таа операција еден од позначајните нови медицински методи кои ќе се применуваат од септември 2014 година во јавни здравствени установи. Од вкупно 100 метори кои денеска ги најави министерот за здравство Никола Тодоров, 62 првпат ќе почнат да се прават во државата – на 30 универзитетски клиники во 24 специјалности, а останатите 38 методи веќе се прават на скопските клиники, но отсега ќе ги има и во болниците низ Македонија.
Во клиничките болници во Тетово, Штип и Битола, на пример, ќе се лекува крвавење од чир на желудник и пациентите повеќе не ќе мора да бидат праќани во Скопје. Ќе има и соодветна обука – за најновите методи ќе се усовршуваат во познати медицински центри во Европа и во САД, а за методите кои ќе се прошират во болниците во внатрешноста обуката ќе биде на универзитетските клиники во Скопје.
Меѓу новите методи се и пресадување ’рскавица на Клиниката за трауматологија, реконструкција на нестабилно рамо на Ортопедија, на Кардиологија ќе има третман на покачен крвен притисок за пациенти кај кои не помагаат лекови, попрецизно и поограничено зрачење на туморско ткиво на Онкологија… За некои болници низ Македонија, новина ќе биде лапароскопската хирургија, ултразвучен скирининг во бременост за откривање аномалии, фако метода за операција на катаракта.
Според Тодоров, новите методи ќе го зголемат опсегот на здравствените услуги, ќе го подобрат здравјето на пациентите за кои тие ќе бидат поблиску и подостапни и ќе го унапредат знаењето на македонските доктори.
“Првите методи ќе бидат достапни од септември оваа година, а Министерството за здравство ќе овозможи едукација на докторите за новите методи… Новите техники се помалку инвазивни, со намалена можност за инфекции, побрза и подобрена дијагностика на преносливи болести, намалување на времето за заздравување на оперативна рана и на времето на хоспитализација, рано откривање на вродени аномалии и минимизирање на морбидитетот, што е бенефит и за пациентот и за здравствениот систем“, вели министерот Тодоров.