Оваа влада е неисцрпен извор на коруптивни дејанија, скандали и економски дебакли што понекогаш дури претставува проблем да се детектираат и следат. ВМРО ДПМНЕ секојдневно е во дослух со граѓаните и ги предочува сите неправилности, кои оваа власт, со неподнослива леснотија ги прави. Прашањето за предвремени избори е клучот во равенката, зошто оваа влада веќе нема никаков кредибилитет, вели Ласовска.
1. Се очекува затишје во политиката во периодот што следи, поради годишните одмори. Што сметате дека треба да биде на дневен ред како централна тема по одморите?
Централна тема мора да остане владеење на правото во Република Македонија, демократските процеси и неселективната правда. Се надевам дека одморите, нема да бидат причина за надлежните органи, кои се занимаваат со истраги на мега скандалите, особено случајот Рекет, да бидат занемарени, заборавени и правдата да биде истерана до крај. Оваа влада е неисцрпен извор на коруптивни дејанија, скандали и економски дебакли што понекогаш дури претставува проблем да се детектираат и следат. Република Македонија мора да покаже демократска зрелост и одлучна борба против корупцијата, зошто граѓаните се веќе уморни, апатични и крајно сензибилизирани, кога станува збор за висока корупција, бидејќи на крајот на денот, како даночни обврзници, тие го плаќаат цехот на аздисани политичари и криминогени ликови.
ВМРО ДПМНЕ секојдневно е во дослух со граѓаните и ги предочува сите неправилности, кои оваа власт, со неподнослива леснотија ги прави. Ние како сериозен коректор, будно ги следиме и потенцираме сите аномалии во општеството.
Прашањето за предвремени избори, е клучот во равенката, зошто оваа влада веќе нема никаков кредибилитет. Што побрзо се случат предвремени избори, тоа подобро за државата.
2. Првиот човек на парламентот, Џафери законот за јавно обвинителство го остави за по одморите. Очекувате ли власта да има слух за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ?
ВМРО ДПМНЕ има одличен предлог закон, кој доколку СДС нема скриени намери, треба да го прифати. Изминатиот период гледавме колку силно го бранеа СЈО и неговата главна обвинителка и бараа разни начини како тоа да остане, во форма каква што беше. Но СЈО, во овој момент е крајно компромитирано и затоа сметам дека преговарачките тимови, треба да најдат начин да донесеме, европски, ефикасен закон за Јавно обвинителство. Преговорите се во тек, останува да видиме како ќе завршат. Деновиве имаше одредени поместувања и усогласувања на ставовите на тимовите, што е за поздравување. Се надевам дека, ако крајната цел е да се донесе добар и применлив закон, истото ќе успее да се реализира.
3. Пописот исто е на дневен ред. Кога и како треба да се спроведе? Споменавте одржување во 2021 година.
Во врска со пописот, сакам да потенцирам сугестии од стручни лица, чија професија се токму статистички операции. Европски стандарди за правење попис е почеток на деценијата, а не на крајот, како што предлага СДСМ. На пописот мора да се гледа исклучиво како на статистичка операција, а не политички, како и истовремено да се применат европските правила и стандарди. Само така ќе имаме успешен и реален попис, кој реално е повеќе од потребен на државата. Растеретен од политика, верувам дека може да се спроведе во годината која ја предлагаме и не гледам ништо спорно во тоа.
4. Со оглед на ситуацијата во земјава, многу проблеми, криминални случаи како последниот „Рекет“… Како го гледате излезот од оваа ситуцаија?
Излезот од оваа ситуација го гледам во брзи, предвремени парламентарни избори. Оваа власт, како што кажав и погоре, веќе едлабоко е навлезена во коруптивни скандали, национално сквернавење, понижување на достоинството на Македонците, затоа мора да си замине. Би го забележала и следново, закони има, институциите можат да постапуваат. Но, јавноста е сведок на бавност во истрагите, замислете истражувачки новинари, побргу доаѓаат до докази и учесници, а овој случај, тапка во место. Затоа е легитимно прашањето; дали власта го спречува овој случај да биде целосно завршен? Ако се докаже дека е така, тогаш се’ она за што се залагаме со години, а тоа е почеток на преговори со ЕУ, паѓа во вода. Таму правилата се јасно дефинирани. Странските дипломати, внимателно посочуваат дека овој случај мора да се разреши, ние како опозиција секојдневно алармираме, граѓаните се гневни и разочарани, а завршницата е далеку, ако судиме според досегашните резултати. Овој октопод е закана за општеството и може да метастазира. Вербата на оние граѓани кои го бранеа со сите сили СЈО, веќе ја нема. Со ваков начин и темпо на работа, за жал, имам чувство дека овој случај ќе заврши на еден или двајца договорени жртво, популистички изјави од типот донесовме декларација за борба против криминал и толку. Власт да носи декларација за борба против криминал, извинете ама е крајно несериозна изјава, паушална и небулозна. Па вие сте власт, спроведувајте ги законите, не ви требаат партиски пусулчиња, насловени како декларации. Да не беше трагично, би било смешно. Но, со СДСМ не треба ништо да не чуди. Едноставно така владеат. Затоа треба да си заминат.
5. Вие сте претседателка на Унијата на жени, а жените како да се споменуваат само на 8 Март, што велите вие, како до повеќе жени во политиката?
Ви благодарам за ова прашање, кое за мене е секогаш инспиративно.
Дозволете да не се согласам со констатацијата дека жените ги има само за 8 март. Ние како УЖ ВМРО ДПМНЕ, имаме голем број на активности, внатре во партијата, но и соработка со многу организации кои се занимаваат со т.н женски права. Можеби на дел од јавноста и медиумите овие активности и не им се посебно атрактивни, што донекаде и ги разбирам, затоа што во Република Македонија,секој ден се случуваат други работи кои го изместуваат од нормала секојдневието. Во иднина се надевам на наша поголема визибилност, секако и медиумска покриеност на бројните активности.
На прашањето како до повеќе жени во политиката, одговорот е многу едноставен. Зголемување на квотите и поттикнување на жените да се борат за нивната улога во општеството, која е многу важна.
Но има еден друг феномен, за кој никој јавно не говори(освен некои изолирани случаи).
Тоа се политичките притисоци, закани и уцени, политичко насилство врз жената, кој е се поприсутен и истиот може да обесхрабри многу квалитетни жени, кои и тоа како, можат и имаат што да кажат ви политиката. За ова мора да се зборува, да се таргетираат овие случувања. Зошто,ако не одиме чекор напред, не се демократизираме и немаме, минимум политичка култура, тогаш нашите заложби за повеќе жени во политиката, би биле безуспешни. Со ова можеби нема да се сложат некој од владејачката структура, но ова се случува и мора да престане. Сега, веднаш да се стави крај.
УЖ ВМРО ДПМНЕ во континуитет работи на градење на своите капацитети, имаме силни и одговорни жени, кои во секој момент можат да се посветат на задачите. Нашата цел е јасна.
Повеќе жени во политиката, посилна држава, поизразена демократија.