![vakcini-deklaracii-960x411](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/02/vakcini-deklaracii-960x411.jpg?resize=696%2C298&ssl=1)
Генералната директорка на Светската трговска организација (СТО) Нгози Оконџо-Ивеала ги повика компаниите кои произведуваат вакцини против коронавирусот да ги направат вакцините достапни за секого или да соработуваат со земјите во развој кога станува збор за производството.
Во интервју за Би-Би-Си, таа потсети на договорот за соработка меѓу фармацевтската компанија Астра Зенека и Институтот за серуми во Индија и смета дека има неискористени капацитети во земјите во развој.
Таа изјави дека е неприфатливо компаниите што произведуваат вакцини против ковид-19 да ги остават сиромашните земји на крајот од редот.
Затоа, смета таа, потребно е споменатите компании да ги направат вакцините достапни за секого или доброволно да ги пренесат технологиите во земјите во развој.
Таа додаде дека другите компании можат да го следат договорот што го склучија „АстраЗенека“ и Индија.
– „Нововакс“, „Џонсон и Џонсон“ и сите други компании треба да го сторат истото – рече Оконџо-Ивеала.
Податоците објавени на веб-страницата „Ourworldindata“, на која се достапни информации за бројот на луѓе вакцинирани против ковид-19, покажуваат дека досега се дадени повеќе од 580 милиони дози на вакцини ширум светот.
Земјите со најмногу вакцинирани се САД, Кина и Индија.