Стоечки овации за македонската „Медена земја“ на Сараевскиот филмски фестивал

Македонскиот  документарен филм „Медена Земја“ доживеа уште една успешна проекција, овој пат во рамки на 25-тото, јубилејно издание на Сараевскиот филмски фестивал.

Документарецот кој преку животната борба и ликот на Атиџе успешно ги допре темите поврзани со третманот и заштитата на животната средина, е во трка за најдобар документарен филм и високото филмско признание „Срце на Сараево“.

Mакедонското филмско остварување на режисерскиот тандем Тамара Котевска и Љубомир Стефанов неодамна ги освои срцата на американската публика и по победата на престижниот фестивал „Санденс“, ги доби и блескавите рецензии од влијателните медиуми во САД меѓу кои: „Њујоркер“ „Њујорк тајмс“, „Лос Анџелес Тајмс“, „Вашингтон пост“ и други.

Американската компанија „Неон“ го застапува и дистрибуира филмот низ тамошните кино сали и веќе остварува заработка повисока од предвидената.

На 17 август, филмот беше награден со стоечки овации од страна на сараевската публика, и според реакциите важи за еден од фаворитите меѓу документарците на фестивалот.

Сараевскиот Филмски фестивал е еден од најзначајните фестивали од областа на филмската индустрија во регионот, кој и годинава  на едно место собра голем дел од филмската елита и понуди досега најбогата програма. Во присуство на повеќе од 1.300 гости од светот на филмот, режисери, актери, филмски работници и екипи, во тек се филмските проекции, кои започнаа со свеченото отворање на 16 август, и премира на филмот „Син“ од босанската режисерка Инес Тановиќ.

Програмата поделена во неколку категории ќе трае до 23 август, по што ќе бидат прогласени и најуспешните.

Вкупно, на фестивалот ќе бидат прикажани 270 филмови од 56 земји распоредени во 18 програми. Во конкуренција за престижната награда „Срце на Сараево“ се вкупно 53 филмови.

Македонската филмска сцена, на фестивалот ја претставува и продукцијата „Сестри и брат Митевски“ во речиси сите програми, а филмот „Господ постои, името и е Петрунија” беше прикажан во вон натпреварувачката програма насловена  „Во фокус”.

По завршувањето на Сараевскиот филмски фестивал, филмот „Медена земја“ ќе ја има и официјалната македонска премиера што ќе се слулчи на 28 август, во „Куршумли Ан“ на затворањето на овогодинешното издание на фестивалот „Македокс“. Почнувајќи од 29 август, филмот ќе се најде и на редовниот репертоар на кината низ земјава.