Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник Иван Стоиљковиќ, во Дневникот на Сител потенцираше дека вакцините од Србија кои треба Македонија да ги добие се затоа што тој лично кај спрскиот претседател Вучиќ издејствувал за помошта, а за тоа говори и фактот што лично премиерот Заев му заблагодарил. Сепак, Стоиљковиќ додава дека македонската влада направи сериозен пропуст со Законот за лекови и сега испораката доцни.
– Она што е тема во македонската јавност изминатата недела е, јас покренав една иницијатива кај српскиот претседател да отстапи на нашата држава еден дел од вакцините со кои располаага Србија. Го информирав претседателот на владата господинот Зоран Заев, добив согласност од претседателот Вучиќ, го информирав Заев. Тој бараше гаранција дека нема да биде вратен дека сигурно ќе биде даден одреден дел на вакцини и дојде до реализација на ова што се случува во меѓувреме. Србија излезе во пресрет на барањето на македонската влада, јас сум презадоволен што премиерот ја прифати мојата иницијатива. За сериозноста на иницијативата зборува фактот дека минатиот понеделник ме повика премиерот да ми се заблагодари за тоа што го направив, вели Стоиљковиќ.
Тој појасни дека владата направи пропуст и проблемот не е конкретно со испораката туку Законот според кој треба веледрогериите да преговараат со производителите, додека пак производителите бараат преговори со државите.
– Мислам дека проблемот не е со испораката, туку проблемот настанува што преговарачкиот тим од нашата држава што ги водеше преговорите воопшто и со меѓународните институции и фармаколошките светски организации, очигледно тоа го правеше на начин на кој беше неадекватен на состојбите кои владејат во фармакоиндустријата во светски размери. Нашата екипа сметаше дека нашиот закон е доволно добар и дека веледрогериите ќе се впуштат во тој процес и ќе набават одредена количина, меѓутоа ниту една од големите светски фармацевтски компании како Фајзер, и руските и британските не сака да договара со веледрогериите туку директно со државата. Направен е сериозен пропуст и се гледа затоа што денеска во собранието имавме измена на Закон за лекови што укажува на тоа, нагласи Стоиљковиќ.
Тој додаде дека Србија е спремна да отстапи уште 90.000 кинески вакцини и одредена количина Спутник и владата за тоа е информирана и нејзина е одлуката дали ќе ја прифати понудата.
– Србија како набавувач нема право да тргува со нив, треба да се обрати до производителот да побара дозвола дека вакцините ќе ги даде на друга држава. Така е и со Фајзер. Одобрување од Фајзер ќе се добие, заклучи Стоиљковиќ