Стоилковски: Ако се било фиктивно, од кого и за што Лукаревска ќе наплаќа данок, освен ако не се тоа парите дадени за поврат на ДДВ?

Со исплата кон две фирми од УЈП буџетот е посиромашен за над 22 милиони евра, исплатени како поврат на ДДВ, а се работи за криминал. Залудни се обидите на Сања Лукаревска да демантира доколку не одговори: По кој основ фирмите АКТИКО/ОКИТНА од Струмица и ХАНТОНОС/ХАНТ ОСОЈ од Босилово се на листата на должници на УЈП?, прашува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако Сања Лукаревска е во право и се било фиктивно, а овие побарувања за поврат на ДДВ не се платени, по која основа на фиктивно сега им бара данок? И второ, ако фирма упати барање за поврат на ДДВ од 11 односно над 12 милиони евра, УЈП утврди дека барањето е фиктивно како што вели Сања Лукаревска, односно било лажно барањето, тогаш дали од УЈП и од Сања Лукаревска бил спакуван предмет за МВР и ЈО?

Или едноставно доаѓаме до фактот: повратот е овозможен, сега УЈП сфаќа дека влетал во мрежа и си ги бара парите назад дадени за поврат на ДДВ. Ова не се „гачки“ како што велат Лукаревска и како што велат од СДС, ова се сериозни прашања за сериозен криминал за којшто мода да има одговорност. Ако се било фиктивно, од кого и за што Лукаревска ќе наплаќа данок, освен ако не се тоа парите овозможени и дадени за поврат на ДДВ?

Почитувани, ова се двата документи од УЈП. Записници од надворешна контрола, направена кога Лукаревска сфаќа дека УЈП исплатило над 22 милиони евра поврат на ДДВ, а не постојат деловни книги, фирмите ја враќаат поштата, а МВР им кажува дека газдите од Косово или не постојат или воопшто не влегле во Македонија. Нема овластено лице, нема ништо.

И пак ќе повторам, и ова важи и за оние фирми за трговија со нафта за кои што се пофали Лукаревска, ако се е фиктивно и ако не постои, ако нема деловни книги за увид, по кој основ бара наплата на данок? Како проценила Лукаревска дека Актико и Хантонос треба да платат 11, односно 12,2 милиони евра? Според документите, тоа се поклопува со парите коишто биле побарувани за поврат на ДДВ, а во документите пишува дека со увид во книгите на УЈП и поднесените пријави, констатирано е дека фирмата (даночниот обврзник) користел право на одбивка на данок. Ако ги фатила на време, зошто контрола на овие компании се прави во октомври 2023, по цели година ипол отпосле?

Фирмата Актико е основана во Струмица од семејство кое во 2020 беше дел од шема со поврат на ДДВ. По само две години, за три месеци работа, фирма со основачки влог 5000 евра, побарува и добива 11 милиони евра поврат за трговија од над 50 милиони евра. Фирмата Хантонос од Босилово, иста приказна, само повратот на данок е поголем, 12,2 милиони евра. Зарем тоа не бил доволен аларм? Што правеле во струмичката канцеларија на УЈП? Зошто не е направена контрола, квартална, токму да се фатат на време овие исплати? Што правела Сања Лукаревска ако одеднаш на само две нови фирми и се одобруваат 11, односно 12 милиони евра поврат на ДДВ?

Одиме понатаму. Фирмите со толкав обрт, наводен како што вели Сања Лукаревска се продаваат по само 8 односно 10 месеци. И тоа на лица од Косово, коишто сега е јасно дека не постојат односно не влегле во Македонија.

И повторно ќе прашам, дали Сања Лукаревска, доколку фатила и спречила на време криминален обид за поврат на ДДВ, дали тоа го пријавила до ОЈО или до МВР?

Дали до ОЈО е пријавен можеби случај дека Хантонос користел даночно олеснување за увезена стока, која воопшто не е регистрирана на Царина?

Почитувани, ова е тежок криминал. Духовитоста на Сања Лукаревска не и прилега кога станува збор за најмалку 22 милиони евра, туку потребни се сериозни одговори. Ова е сериозен организиран криминал. Продадените фирми се на лица коишто воопшто не влегле во Македонија. Па како тогаш е направена продажбата преку нотарски? Како Централен регистар направил промена? Како е отворена сметка? Кој го води сметководството на овие компании? Како е возможно да има фактури до УЈП за увоз на 50 милиони евра стока, а да нема за тоа податоци на Царина?

Оттука го повикувам ОЈО за сериозна истрага и отворање на предмет. Несериозноста во 2020 година за исплатените 5 милиони евра по криминален поврат на ДДВ, сега доведе до шема со најмалку 22 милиони евра од две фирми, чиишто презимиња сега се повторуваат.

Затоа велиме никогаш не било полошо, важно е да ги поразиме, додава Стоилковски.