
Точно е и јасно е дека медиумите се главната алатка на демократијата. Опозицијата и медиумите се чувари на демократијата, но она што кај нас се заборава во моментот во Балканот и посебно во Република Македонија во последните неколку години е дека медиумите имаат многу повисока цел од она што значи демократија во потесна смисла,
рече Наум Стоилковски од Република во саботата во текот на дебата посветена на слободите и заканите за медиумите.
Медиумите имаат за цел да ги заштитат националните и државните интереси, и тоа било и ќе биде во секоја уредувачка политика, затоа што исто беше и во претходниот систем, пред осамостојувањето, пред плурализмот во Република Македонија, смета Стоилковски.
„Медиумите во Македонија се грижеа за развивање на националните и државните интереси и тој редослед не е случаен, не случајно националното е пред државното, бидејќи нациите излегуваат пошироко од границите на државата. Ова како вовед го велам не случајно, бидејќи токму државните и националните интереси се загрозени преку договори и други скриени документи од кои добиваме информации само на лажичка. Дали било тоа откажување од Македонците кои се вон границите на Македонија, дали било негирање на националните идентитетски прашања како што се историјата и јазикот“, посочи Стоилковски.
Дали некој од меѓународните организации стана за да ги заштити новинарите коишто беа напаѓани, а кои однадвор се определуваа како „режимски“ или се вршеше атак со лажни обвинувања што се ширеа преку медиумите кои застапуваат друга страна, запраша Стоиловски.
„Се ништат медиумите кај кои предничи националниот интерес и за тоа се молчи. Молчат не само домашните институции, но и од меѓународниот фактор кој постојано инсистираше на слобода на медиумите и слобода на кажаниот збор. Молчат за она што се случува во медиумскиот простор“, истакна Стоилковски.
Додаде дека доколку она што сега се случи со печатените медиуми, се случеше пред три години, реакциите ќе беа поинакви.