Ниту во време на најголемата енергетска криза, СДСМ не се откажува од директни преговори и празнење на буџетот наменет за енергетика. Од една страна носат решенија за бркање луѓе на принуден одмор, од друга страна, со непосредна спогодба, прават договор на 19 милиони евра, изјави во неделата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Како што појасни порптаролот на опозициската партија, државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ, склучила спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас на 19 милиони евра, за ископ на 1,4 милиони тони јаглен, откако цело лето не се копаше јаглен и власта земјата ја втурнала во тешка енергетска криза.
Стоилковски посочи дека споменатиот тендер доаѓа во време кога се носи и решение за принуден одмор на работници од компанијата, под изговор за намалување на трошоците.
„Станува збор за решение потпишано со Васко Ковачевски за принуден одмор на вработени во РЕК Битола. ЕЛЕМ и РЕК Битола мора да одговорат како е дојдено до изборот на компанијата ‘Марковски’ за зафат вреден 19 милиони евра во време на криза? Дали имало и кои биле другите компании и зошто тие биле одбиени? Зошто се оди на непосредна спогодба кога цела година се знаеше дека треба да се копа јаглен, а тој не се копаше“, праша Стоилковски.
Оцени дека се работи за чист интерес, како што покажува и простата математика.
„ЕЛЕМ на компанија избрана по лично видување дава 19 милиони за ископ на 1,4 милиони тони јаглен. Тоа значи цена за тон јаглен е околу 13 евра. Цената по којашто се купува јаглен од Косово е 8 евра за тон, ако може да се верува на бројките на министерот Бектеши. Следејќи ги бројките, ЕЛЕМ и кадрите на СДСМ, разликата меѓу увозот и директната спогодба е цели 5 евра по тон јаглен… Криминогените структури во раководствата во енергетиката, коишто ја оставија државата без своја струја и се уште неплатена увезена струја, по овој последен математички нелогичен зафат во директна спогодба мора да одговорат, дали изборот на фирма во непосредна спогодба чини 5 евра по тон, односно според договорената количина, 7 милиони евра повеќе? Неспособноста, криминогеноста, лукративноста на СДСМ ја уништи Македонија и ја втурна во кризи со катастрофални последици“, додаде портпаролот.