Злоупотреба на службена должност се прави со постапување, но и со непостапување. Јавното обвинителство има должност да постапува по допрен глас излезен во јавноста, во медиумите или од политичките партии. Фактите се непобитни, фатени се живи! Постои предумисла и намера во Ѓорче Петров да се направи набавка по екстремно висока нереална цена, 25.500 евра за две машини за перење. Набавката е распишана од градинката Росица водена од кадар на градоначалникот од СДСМ, Александар Наумоски, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски кој додаде:
„Намерата е јасна- распишан е тендер, траел 15 дена, пристигнале две понуди од кои едната нецелосна, прифатена е понудата и потпишан е договор! Паничната реакција од Општината водена од Александар Наумоски, во којашто тој се оградува од набавката и објавува дека таа нема да се реализира, односно најавува поништување на договорот- се доволен индикатор за сомнеж за ова ЈО зад мене да преземе мерки! Уште повеќе што преку општинскиот портал Александар Наумоски обзнанува дека градинката немала пари! Договорот содржи клаузули за обештетување доколку договорот се прекине или не се реализира!“
-Почитувани, фактите се јасни! Или градинката немала пари претходно или парите мистериозно сега се потрошени! Во двата случаи има одговорност! Доколку градоначалникот е толку упатен во постапките, зошто не ја прекинал набавката со време пред да се склучи договорот? Зошто не е прекината постапката заради само еден понудувач со нереална цена? Почитувани тендерот и договорот за машини за перење од 25.500 евра открива можност за добро разработена мрежа. Станува збор за добитник на тендер, фирма од Ѓорче Петров редовен добитник на тендери во општината на Александар Наумоски!, посочи Стоилковски и подвлече:
„ДОН ХОЛДИНГ Дооел Скопје, друштво со ограничена одговорност на ЕДНО лице, по големина мал субјект, со дејност товарен патен сообраќај! Само во април и мај има 4 тендери со Општина Ѓорче Петров и со градинката Росица. Тендери во вредност од 185.000 евра! Истата компанија од 2019 година до сега има 14 тендери со општината и со, погодувате, со градинката Росица, водена од кадар на Александар Наумоски! Фирма од Ѓорче Петров, фирма за транспорт, на еден човек, има 14 тендери со општина и со градинка за тековно одржување, поставување урбана опрема и сега најново набавка на две машини за перење од 25.500 евра!“
-Почитувани, ЈО зад мене мора да почне да работи за она за што постои. Индициите се Злоупотреба на службена положба и овластување се прави со постапување, но уште повеќе со непостапување, особено кога станува збор за корупција на високо ниво, корупција во локалната самоуправа. Општината на Златко Марин набавува даска за 300 евра, Скопје под Шилегов клупа од егзотично дрво за 500 евра, а кај Наумоски две машини за перење чинат 25.500 евра! ЈО зад мене има доволно индиции по допрен глас да започне постапка во Општината Ѓорче Петров, потенцираше Стоилковски.