Дванаесет дена нема никаков одговор, ниту одговорност, никаква реакција за трагедијата во којашто изгореа 45-мина како резултат на криминал и на корупција, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„12 дена нема одговор како е можно автобусот на смртта 135 пати да ја мине границата без лиценца за меѓународен транспорт? 12 дена нема одговор дали навистина се менувани документи и автобус за превоз на 49 патници, е претворен во автобус за 54 патници? 12 дена нема одговор како е можно Инспектори да не можат да влезат во една фирма, одговорна за транспортот на смртта? 12 дена нема одговор дали коалицијата СДСМ/ДУИ и останувањето на власт е поважна од животот на граѓаните? 12 дена Македонија нема одговор и 12 дена Македонија повторно очекува одговор од истрага цитирам „не откривме ништо конкретно“ како за модуларната болница во Тетово“, истакна Стоилковски.
Додаде дека за неполни три месеца 60 граѓани, алудирајќи на пожарот во тетовската ковид-болница кога загинаа 14 лиѓе, се пеплосани заради криминал и корупција, а одговорност нема.
„Коалицијата СДСМ /ДУИ ги обвинува граѓаните. Институциите во Македонија наместо истрага, си ја префрлаат одговорноста. А постои признание од директор на Инспекторатот за транспорт, дека автобусот на смртта не бил регистриран, и дека така вршел меѓународен транспорт и поминувал граница!
Ова е повеќе од срамно, повеќе нечесно за било која власт и држава. Македонија најмалку го заслужува ова. Избори, смена на власт, кредибилна истрага со одговорност за сите криминали и за сите корупции“, порача Стоилковски.