13.8 C
Skopje
среда, ноември 27, 2024

Стоилковски: Скандалозно, oмиленото ТВ лице на ДУИ Бесмира Ејупи вработена во МНР за полесно да ја пратат како Генерален конзул?

Македонската дипломатија меѓународно е девастирана, македонските национални интереси, македонската посебност и идентитет се распродаваат, а Бујар Османи се занимава со ново вработување во МНР на омилената ТВ презентерка на ДУИ, соработничката на општините водени од ДУИ, лицето без кое државниот правобранител Фехми Стафа не можеше да функционира, добитникот на најмалку 12.000 евра годишно хонорари, Бесмира Ејупи, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој посочи дека буџетот е празен, државата е во кризна состојба, а власта се занимава со ухлебување на функционерски миленици!

-Бесмира Ејупи, несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е нововработена во Министерството за надворешни работи, соработник во одделението за правни работи. Веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање на влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем, за што според информациите е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“ за Бесмира Ејупи. Според информациите, додека тече истрагата за исплатите на над 12.000 евра за една година од институции водени од ДУИ кон Бесмира Ејупи, државниот правобранител, Фехми Стафа тврдеше дека не можел да функционира без неа, додека се уште не е слегната прашината за повлечениот предлог на Влада таа да биде именувана како генерален конзул во Њујорк, Бујар Османи ја презема и вдомува Бесмира Ејупи во МНР, нагласи Стоилковски,

Истакна дека македонската дипломатија е во нокаут, а институциите служат за задоволување на апетитите и фрустрациите на функционери на ДУИ-СДСМ.

-Бујар Османи и Димитар Ковачевски коишто тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи, коишто го криеја предлогот на Влада таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега мора да одговорат за вработувањето на Бесмира Ејупи во МНР? Османи и Ковачевски мора директно и прецизно да одговорат зошто Бесмира Ејупи е вработена во МНР? Дали вдомувањето на Бесмира Ејупи во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост и се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк? Османи и Ковачевски мора да одговорат како е можно лице зад кое што се води истрага за огромен финансиски скандал, можни злоупотреби и префрлање огромна сума буџетски пари, сега да биде вработено во МНР, да му се издава безбедносен сертификат и да биде дел од дипломатската мрежа? Османи и Ковачевски мора да одговорат со што тоа Бесмира Ејупи ги задолжила до таму, што откако Фехми Стафа е разрешен како државен правобранител, таа да биде вработена во МНР на Бујар Османи?, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е срамно и ја покажува вистинската слика за самоволието и девастацијата на македонската дипломатија. За ова се потребни одговори, одговорност и секако отворање истраги од сите надлежни институции. Ова мора да има крај!