Стоилковски: Владата се обидува да го прикрие поразителниот извештај на ГРЕКО

Владата тоне во корупција. Како никогаш порано таа е широко распространета од врвот па до најниско ниво на владиниот ешалон. Корупција која изразена во бројки, проценти, е потврдена од релевантни меѓународни институции, истите оние на кои најмногу се повикува токму власта, ова денеска на прес конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Власта очигледно се обиде да го прикрие извештајот на ГРЕКО, кој што за прв пат откако Македонија членува во ова европско тело, оцени дека во Македонија цвета корупцијата! Ова е прв негативен извештај за Република Македонија од антикорупциското тело на Советот на Европа последниве дваесетина години. Почитувани, во Македонија криминалниот картел на власт си доби држава. Македонија со ваква коруптивна власт не оди никаде, граѓаните тонат во сиромаштија и нови задолжувања, а буџетот завршува во партиските џебови. Залудни се лагите на Заев за наводно „одење напред“, кога се она што јавноста е шокирана заради коруптивните скандали кои водат до врвот во власта, сега добива потврда и од меѓународните партнери. Власта молчи за црвениот картон од ГРЕКО, заборавајќи дека токму препораките од ова тело беа дел од 3-6-9 планот на оваа власт. Во ткн План 3-6-9 Во делот на судските реформи, стои дека цитирам: „Владата ги прифаќа забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа (Венецијанската комисија и ГРЕКО)“. А, токму според ГРЕКО, антикорупциското тело на Советот на Европа, во Македонија цитирам: „нема опиплив напредок“ во оваа област. ГРЕКО смета дека резултатите во Македонија се цитирам: „очигледно разочарувачки“. Во овој момент потсетуваме, реформите во судството ги води лично Зоран Заев, аболициран и помилуван политичар токму за корупција и криминал во случаите „Глобал“ и „Поткуп“. Планот 3-6-9 го води Бујар Османи, за кого Заев пред коалицирањето најавуваше кривични пријави со докази, за потоа да го назначи за вицепремиер, потенцира Стоилковски.

Тој додава дека ГРЕКО заклучува дека ниското ниво на усогласеност со препораките е „глобално незадоволително“ и бара од шефот на делегацијата за Македонија да презентира нов извештај за напредокот во имплементацијата на препораките што е можно побрзо, па се на, најдоцна до 30 јуни 2019.

-Власта е соочена со корупциски скандали и афери со злоупотреба на власта во делењето на буџетски пари, грантови и тендери сами на себе или на свои или ним блиски компании? Што ли за тоа ќе пишува во следниот извештај на ГРЕКО? Како ли ГРЕКО ќе го разгледува случајот тендер од 35 милиони евра во здравството на министерот Филипче? Како ли власта ќе го објасни на ГРЕКО случајот со поделбата на фондот за иновации на Анѓушев, на Локвенец, на советничката за култура на премиерот Ласкова. Како ли Шекеринска ќе го објасни делењето пари на наводни непартиски организации каде и самата членувала, а други министри се дел од раководните структури на овие организации? Како ли повторно Филипче ќе ја спакува поделбата на 400.000 евра набавка од компанија на својата партнерка, инаку директор на една од клиниките? Како ли ќе ги објаснат милионите евра дадени за возила од МВР и од МО за компании кои не се директни увозници на тие возила? Овие случаи ќе влијаат на некој иден извештај, што значи дека работата воопшто не оди во вистинска насока со борбата против корупцијата во Република Македонија. За вакви ли европски вредности се залага оваа власт која секојдневно само се расфрла со празни флоскули и пароли за запирање на корупцијата, партизацијата, злоупотребите? Вака ли Македонија ќе оди напред, не, Македонија не оди никаде, најмалку напред! Одговорност мора да има и ќе има, Македонија ќе победи!, вели Стоилковски.