Градоначалникот на Демир Хисар, Марјанчо Стојановски бил пуштен, откако во текот на денот беше приведен во полициска станица на информативен разговор, откако на порталот „Лидер“ беше објавена видео-снимка на која се гледа како им се заканува на наставници дека ќе ги прислушкува, потврдија вечерва од МВР.
Денеска по насока на Јавно обвинителство Битола, повикан е на информативен разговор во Полициска станица од општа надлежност Демир Хисар, М. С. (49), градоначалник на општина Демир Хисар, поради објавена снимка во медиумите во текот на денешниот ден. М.С. во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. „Гоце Делчев“ во Демир Хисар кој се случил во средината на месец јануари 2018 година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта.По насока на обвинителство М. С. е пуштен во 20.30 часот, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување, велат од МВР.
„Лидер“ денеска објави видео како градоначалникот им се заканувал на вработените во училиштетто. Тој ги потсетил вработените дека како поранешен полицаец може и ќе ги прислушува нивните телефонски разговори и следи што прават и каде одат.
Станува збор за состанок на Стојановски со вработените кои се бунтувале на перманентниот притисок од негова страна и заканите кои постојано ги добиваат од општината за преместување од нивните работни места и отпуштања.