Легитимна е загриженоста на Турција за сопствената безбедност, изјави во неделата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Хелсиники, коментирајќи го противењето на Анкара на членството на Финска и Шведска во Алијансата.
Столтенберг на прес-конференцијата со финскиот претседател Саули Ниинисто рече дека ниедна членка на НАТО не доживеала толку терористички напади како Турција, како и дека нејзината загриженост, како важна членка на воениот сојуз, треба да биде сфатена сериозно.
„Кога важен сојузник изразува загриженоста поради тероризам, ние тоа сериозно го сфаќаме“, истакна Столтенберг.
Двајцата челници рекоа дека работат со Турција за да ги надминат сите несогласувања меѓу трите страни.
Официјална Анкара подолго време ги обвинува Хелсинки и Стокхолм дека го згрижуваат и прифаќаат припадниците на Работничката партија на Курдистан (PKK) која од 1984 година води вооружен бунт против Турција каде што е забранета, а се наоѓа и на листите терористички организации на ЕУ и на САД.
Финскиот претседател Ниинисто во неделата рече дека неговата држава „не ги третира“ припадниците на PKK, како и на формациите на сириските Курди, поинаку од другите сегашни членки на НАТО, па затоа е „тешко да се разбере“ што Анкара очекува од Хелсинки, но дека за тоа ќе продолжи да се дискутира.
Столтенберг и Ниинисто во текот на прес-конференцијата која траеше 20 минути, воопшто не се осврнаа на Хрватска и нејзиниот претседател Зоран Милановиќ, кој исто така повикува на вето на членството на двете скандинавски земји во НАТО поради кршењето на политичките права на Хрватите во Босна и Херцеговина.
Ниинисто влегувањето на двете земји во НАТО го нарече „историски“ настан за Финска, но и за нордиските земји.
Финска и Шведска, кои со децении изведуваат заеднички вежби со НАТО и западните земји, ја напуштија својата традиционална политика на воена неутралност и искористувајќи на офанзивата на Русија во Украина, поднесоа кандидатури за членство на Алијансата. Ниинисто, кој пред официјализирањето на одлуката му се јавил на рускиот претседател Владимир Путин да ги извести, неодамна изјави дека бил изненаден од „смиреноста“ со која Москва ја примила финската одлука.
Столтенберг во понеделникот ќе допатува во Шведска каде што ќе разговара со премиерката Магдалена Андерсон, а ова патување на генералниот секретар доаѓа на десетина дена пред самитот на НАТО во Мадрид на 29-ти јуни, на кој се поканети и двете земји кандидатки.
На новинарското прашање да го објасни забавувањето имајќи предвид по поднесувањето на кандидатурите на двете земји се зборуваше за забрзан процес, Столтенберг одговори дека самитот во Мадрид никогаш не бил споменуван како настан на кој ќе бидат одобрени апликациите на Финска и Шведска.