
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг се надева дека ќе биде постигнат договор за членството во Алијансата на Финска и Шведска пред самитот на блокот во Мадрид кон крајот на јуни.
„Кога некој сојузник ќе покрене проблем, тој треба да биде решен. Така се правеше секогаш“, вели генералниот секретар на НАТО, кого го цитира шпанското радио Cadena SER.
„Никој не бил подложен толку на терористички напади како Турција. Зборувате за Курдите, но мора да се признае дека има неколку курдски групации, а PKK е на списокот терористички организации на Европската унија, односно всушност и на Шведска и на Финска. Мојата цел е ова да биде брз процес и мислам дека имаме уште време“, рече Столтенберг.
Според шпанското радио, Финска и Шведска ќе земат учество на самитот на НАТО во Мадрид како гости, но ќе им биде тешко да ги зацврстат своите аспирации како земји кандидати за влез во Алијансата доколку не одговора на барањата на Турција до 28-ми јуни.
Шведска и Финска на 18-ти мај поднесоа барање за челнство во НАТО, но Анкара порача дека условот на Турција за поддршка на приемот на двете земји во НАТО се тие да престанат да даваат поддршка на терористичките организациите како што се обележани организациите на Курдите – PKK и YPG, како и на приврзаниците на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен – FETO, движење кое Анкара го обвинува за создавање паралелни структури во државната администрација и организатор на неуспешниот воен преврат во јули 2016 година.
Во петокот два добро информирани извори за агенцијата Reuters рекле дека преговорите меѓу турските функционери и делегациите од Шведска и Финска оваа седмица во Турција малку напредувале во надминувањето на забелешките од страна Анкара.
„Тоа не е лесен процес. Мора да преземат конкретни чекори, кои ќе бидат тешки. Ќе продолжат да преговараат натаму/ Но се чини дека тоа нема да биде наскоро“, додал едниот од соговорниците на агенцијата.
Турскиот министер за надворешни работи Мавлут Чавушоглу, изјави во петокот дека Турција очекува Шведска и Финска да преземат конкретни мерки и да ја запрат таквата поддршка пред Анкара да ги повлече своите приговори.
Вториот извор запознаен со ситуацијата рекол дека на преговорите во средата не е постигнат јасен напредок, како и дека завршиле без временска рамка за продолжување, што ги зголемува изгледите дека Турција сѐ уште би можела да се противи на кандидатурата за членство кога НАТО на 29-ти и 30-ти јуни ќе го одржи самитот во Мадрид.
Петчасовните разговори биле искрени и вклучувале одвоени седници меѓу турските функционери и колегиумот од двете нордиски земји, по што следеле трипартитни разговори со сите страни, рекол втор извор. Трет соговорник на Reuters рекол дека турските функционери ги намалиле изгледите за постигнување договор пред самитот во Мадрид