Столтенберг за доаѓањето на Лавров во Скопје: На ОБСЕ е да ги организира своите состаноци, немам совет

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска попладне на прес-конференција во Брисел, се воздржа од одговор на прашање во врска со очекуваното присуство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Прашањето на Столтенберг му беше поставено на прес-конференцијата по првиот ден од состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.

Посочувајќи во воведот дека наредните денови на Министерскиот совет на ОБСЕ во Северна Македонија ќе присуствуваат поголемиот дел од министрите присутни на состанокот на НАТО, со исклучок на Балтичките земји и Укрина, новинарот на италијанската новинска агенција (АНСА) го праша Столтенберг дали за ова било дискутирано денеска во Брисел и дали лично смета дека е соодветно Лавров во моментов да патува во земја членка на НАТО.

Генералниот секретар рече дека ОБСЕ своите состаноци ги организира самостојно и дека нема никаков совет за организаторите на настанот.

„На ОБСЕ е да ги организирани нивните состаноци. ОБСЕ имаше важна улога многу години. НАТО сојузниците како поединечни земји се членки на ОБСЕ. На ОБСЕ е да ги организира своите состаноци. Немам некаков совет да дадам на организаторите. Моја одговорност е да ги организиран состаноците на НАТО, а ОБСЕ да ги организира своите“, рече Столтенберг, одговарајќи на последното прашање на прес-конференцијата.

Минатата недела македонската Влада донесе одлука со која се овозможува шефот на руската дипломатија да допатува во Скопје и да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ кој ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември.

Со одлуката што ја донесе Владата се изврши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија.

Од Владата тогаш соопштија и дека Министерствата за надворешни работи и за одбрана ќе може да одлучат дали ќе издадат одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов над и во земјава за време на одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ.

На прашање на „360 степени“ денеска од Министерството за обрана рекоа дека веќе се дефинирани безбедносните проценки и дадени се насоки за движење на рускиот воздухоплов, за чиј лет е одредено име и број, а утврдени се и маршрутите за движење на авионот.

Вчера и Бугарија го отвори воздушниот простор за летот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тоа го потврди и руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, која посочи дека е добиен позитивен одговор на нивната нота за авионот на Лавров.

Поради очекуваното присуство на рускиот министер за надворешни работи на настанот во Скопје, на него нема да учестува шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

„Делегацијата на Украина нема да учествува на средбата на ОБСЕ во Скопје на ниво на министерот за надворешни работи. Украина високо ги цени напорите на Северна Македонија како држава претседавач на ОБСЕ во 2023 година и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус“, напиша денеска на Фејсбук портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко.

Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го бојкотираат и Естонија, Летонија и Литванија, доколку на него учествува Лавров.

Во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји, од Естонија, Маргус Цахкна; од Летонија, Кришјанис Каринш и од Литванија, Габриелиус Ландсбергис, се вели дека присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ.

„Длабоко жалиме за одлуката со која се овозможи лично учество на рускиот министер за надворешни работи С. Лавров на 30. сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Тоа само ќе ѝ даде на Русија уште една пропагандна можност“, се вели во изјавата на министрите објавена денеска.