Стотици британски адвокати предупредија на кршење на човековите права во Газа

Стотици правници и адвокати чиишто седишта се во Велика Британија му испратија отворено писмо на премиерот Риши Сунак со барање „итно да дејствува“ и предупредуваат дека на дело се сериозни кршења на меѓународното право сторени во палестинската енклава Појасот Газа.

Писмото потпишано од 260 адвокати, упатено и до министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли и министерот за одбрана Грант Шапс, ја повикува британската влада „итно да дејствува за да ги исполни своите меѓународно правни обврски“ во судирот меѓу Израел и радикалната палестинска исламистичка организација Хамас.

Од владата во Лондон бараат да се придржува до правните обврски на Обединетото Кралство во однос на војната во Газа, и ја повикуваат „да го употреби своето влијание вршејќи притисок да се издејствува прекин на огнот за да се овозможи испорака на помошта во Газа“.

Адвокатите, исто така, бараат од британската влада да го запре продавањето оружје на Израел, бидејќи тоа би можело да биде користено за сериозни кришења на меѓународното хуманитарно право.

Во писмото британските адвокати образложуваат дека се „поттикнати да интервенираат бидејќи, во регионот кој веќе се навикна на патење, смрт и други беди коишто ги претрпиле поединци, семејства и цели заедници во последните 20 дена беа навистина ужасни“.

Притоа адвокатите истакнуваат дека „изгладнувањето на цивилното население како метод за војување, вклучително и намерното попречување на испораката на соодветната помош, како што Израел го прави во Газа, строго е забрането кон обичајното меѓународно право… и претставува воено злосторство“.

Меѓу потписниците на отвореното писмо се 36 адвокати со титулата „кралски советник“, 49 партнери и директори на адвокатски друштва и 16 професори по право.

Нивната интервенција доаѓа откако челниците на Европската унија повикаа на „постојан, брз, сигурен и непречен химанитарен пристап и помош за таа да стаса до оние на коишто име потребна“, додека се разгорува конфликтот меѓу Израел и Хамас.