Гаши вели дека тие што поднеле оставки не биле дел од Алтернатива

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, денеска на прес-конференција, коментирајќи го соопштението испратено до медиумите дека две третини од членовите на огранокот на партијата во Чаир се откажуваат од партијата, рече дека се работи за членови кои подолг период не се дел од Алтернатива.

„Јас можам да зборувам само за членови на Алтернатива. Но, во принцип едно треба да се знае. Во пресрет на претстојните избори гледате дека се работи за два блока во албанскиот политички табор. Секој граѓанин, секој активист има право да избере дали да биде со опозицискиот или мнозинскиот табор. Затоа, не сакам кон никого да имам предрасуди, сите движења што ќе се прават од сега до изборите ќе бидат само во оваа функција. Тие што сакаат да бидат со опозицијата и сакаат промени доаѓаат кај нас, а тие што сакаат да останат и да ја продолжат оваа корумпирана власт со сите овие тешки стандарди за граѓаните ќе одат таму“, изјави Гаши.

Огранокот на Алтернатива – Чаир во писмо до медиуми соопшти дека две третини од членовите на огранокот се откажуваат од партијата, поради како што наведуваат, „акумулираното незадоволство од некои членови кои ја узурпирале партијата“.