Стотици мигранти пристигнуваат на Лампедуза, пронајдени тела на две жени

До средата рано наутро, околу 430 мигранти во десет чамци стигнале до италијанскиот остров Лампедуза, а телата на две жени биле пронајдени во зоната за спасување во близина на островот, објави новинската агенција ANSA, цитирајќи ја крајбрежната стража.

Во вторникот со дваесет чамци пристигнаа околу 670 мигранти, а бројот на мигрантите кои пристигнуваат на островот во моментов повторно расте.

По спасувањето на 62 лица, крајбрежната стража во средата наутро пронашла тела на две жени додека ја пребарувала зоната за спасување кај Лампедуза, пренесе ANSA.

Во последните денови, многу мигранти дојдоа на островот и беа однесени во прифатниот камп, кој има капацитет за 400 луѓе, но е преполн со околу 2.600 луѓе, наведува службената италијанска новинска агенција.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси во вторникот го посети островот, ветувајќи дека мигрантите наскоро ќе бидат префрлени на Сицилија.