Стотината откази во „Баргала“ се социјална катастрофа на сметка на штипскиот градоначалник

Социјалниот дебакл кој компанијата „Баргала“ веќе неколку години го приредува во Штип, бара реакција и од градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов. Без оглед на фактот што станува збор за семејната фирма, како татко на градот, мора да се произнесе за социјалната катастрофа на 100-ина семејства кои останаа без основна егзистенција, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Иван Јорданов од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип.

„Градоначалникот има сериозна надлежност во областа на економскиот и социјалниот статус на граѓаните, па како и во секој друг случај, би требало да преземе итни и неодложни мерки за санкционирање на последиците, како и причините за оваа социјална катастрофа. Несомнено, Баргала е најголемиот производител не само на кожарски производи, туку и на проблеми и неправди во Штип, па оттука се поставува прашањето и за морално-етичкиот кредибилитет на сегашниот градоначалник. Истиот во неговите изјави ветуваше решавање не само на комуналните проблеми, туку и на економските и социјални проблеми на неговите сограѓани“, рече Јорданов.

Праша дали изазот „мојата Баргала“ е само за шоу-бизнис емисии, а кога има ваква ситуација, тогаш „Баргала“ станува компанија во кога градоначалникот нема никакво влијание?