Двојките од Западниот Брег мора да го „официјализираат“ и да ѝ го пријават својот статус на израелската војска.
Според новите упатства што се очекува да стапат во сила в понеделник, од странците ќе се бара да го информираат израелското Министерство за одбрана доколку нивната љубовна врска со жител/ка на Западниот Брег почне да станува сериозна – вклучувајќи ги и плановите за заеднички живот, свршувачка или брак – за да добијат или да ја продолжат дозволата за влез. Ограничувањата не важат за оние што ги посетуваат израелските населби.
Новите правила првично беa подготвени од агенцијата за палестински граѓански прашања на Министерството за одбрана, КОГАТ, уште во февруари, но наиде на неколку одложувања поради правни проблеми. Долгиот документ од 97 страници ги содржи процедурите за влез и престој на странски државјани на палестинските територии под контрола на Израел.
Странските граѓани, дури и оние со палестинско потекло што живеат во странство и официјално се венчани со жител на Западниот Брег, повеќе нема да можат да добијат виза при пристигнувањето во Израел и ќе мора да поднесат барање за дозвола за влез најмалку 45 дена однапред, пишува Тајмс оф Израел. Се воведуваат и дополнителни барања за оние што се вљубуваат и „стануваат пар“ по пристигнувањето.
„Ако врската почне по пристигнувањето на странецот во Областа, тогаш овластеното службено лице од КОГАТ мора да биде известено писмено… во рок од 30 дена од почетокот на врската“, се вели во правилата. „Датумот на почеток“ на врската се дефинира како ден на веридбената церемонија, венчавката или почетокот на соживот – „што и да се случи прво“.
Двојката, исто така, мора да го „официјализира“ својот статус кај палестинските власти, а ако тоа не го сторат во рок од 90 дена, ќе бидат „итно“ протерани. Но дури и да се формализира статусот на врската, израелската дозвола не може да се продолжи за повеќе од 27 месеци, по што странецот ќе мора да ја напушти земјата на најмалку 6 месеци.
Претставниците на КОГАТ рекоа дека оваа „двегодишна пилот“-програма, која не се однесува на оние што ги посетуваат израелските населби на Западниот Брег, има цел да го направи процесот на влез „поефикасен и посоодветен на динамичните услови на времето“, според АФП.