Струга немоќна да направи чудо на Исланд! (ВИДЕО)

Групната фаза во Европа и шеста година по ред ќе остане да ја сонуваат македонските клубови, после историскиот успех на Вардар во 2017 година (Лига Европа), откако актуелниот шампион Струга не успеа да направи чудо и да го мине исландски Брејдаблик во плејофот за пласман во Конференциската лига, со вториот пораз во двомечот, повторно со 0-1, сега во Рејкјавик.

Ако пред една недела во Охрид, стружани скапо го платија невниманието по пола час игра и промашија низа шанси за многу подобар резултат пред денешниот реванш, денеска на Исланд после само 160 секунди примија гол, а да не беше извонредниот Ведран Ќосевски на голот и среќата во дирекот пред кракот на мечот, можеа и многу поубедливо да загубат во реваншот, во кој не направија премногу шанси за гол.

Виктор Карл Еинарсон во третата минута го постигна голот кој уште повеќе ја направи невозможна мисијата на стружани, кои во текот на целиот меч не успеаа да се справат со агресивната игра на противникот, па не дојдоа ни до една вистински зрела шанса за гол, со само два изблокирани обиди во 90 минути, прво на Бесарт Ибраими по шут од 15-на метри пред крајот на полувремето, па на Бунјамин Шабани во опасна шанса пет минути пред крајот на мечот.

Колкава беше немоќта на Струга која бркаше гол негатива од првиот меч е фактот дека не успеаа да упатат ни еден директен шут во рамките од голот.

За стружани овој втор европски настап во клупската историја останува сепак историски, зашто успеаа да стигнат до последната рунда од квалификациите, но имаа најлесен можен противник во ваква плејоф фаза од сите претходни клубови кои дотуркале до неа во еврокуповите, шанса која не ја искористија за своја промоција, промоција на македонскиот фудбал и полна каса со безмалку три милиони евра награда.

Струга летово испадна во ЛШ од Жалгирис со вкупни 1-2, ги мина Будуќност со 5-3 и Свифт Есперажн со 4-3, а испадна сега од Брејдаблик. Во осум меча запишаа три победи, едно реми и четири порази.

Сепак, без оглед на добрата евросезона со која Македонија излегува од зоната на пациенти и за две лета повторно ќе има четири клубови во Европа, елиминацијата на Струга од исландскиот првак е само уште една потврда за сѐ послабиот македонски домашен квалитет ко сѐ повеќе се рефлектира и на резултатите на националниот тим.