Субвенции за плати ќе има и во новиот пакет мерки, но може да изберат бескаматен кредит

Пари за плати за фирмите ќе има. Премиерот Заев вели дека деталите се утврдуваат, но петтиот пакет мерки ќе даде можност на фирмите да одберат дали ќе земат субвенција за да исплатат плата какао досега, или пак ќе земат бескаматен кредит кој делумно ќе стане неповратен ако фирмата успешно работи.

Покрај директната помош за плати, петтиот пакет ќе содржи уште петнаесетина мерки за помош на фирмите. Тој ќе тежи околу 50 милиони евра кои се додаваат на сумата од 1,1 милијарда, пари кои Владата лани ги даде за излез од кризата. Сепак, и покрај ваквата поддршка, работодавачите во последната анкета се изјасниле дека главно се незадоволни од државата помош. Односно 61% од газдите велат дека ниту видот ниту големината на поддршката не била доволна.

Преговорите со засегнатите за новиот сет мерки се уште се во тек. Премиерот очекува дека викендов тој ќе биде финализиран.