Субвенциите за земјоделците се од особено значење и дека ако ги нема субвенциите најмалку 80% од земјоделците нема да се занимаваат со оваа дејност бидејќи земјоделството се смета за нерентабилно или нископрофитабилно.
Ова на денешната дебата „Состојбите во земјоделието во Република Македонија“ во организација на Институтот Павел Шатев, го истакна Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделци
Почнувајќи од 2006 година па наваму во земјоделството во Р. Македонија се инвестира многу. Почнувајќи од инвестиции во напредна технологија, инвестиции во модерно производство, па се до инвестиции во знаење кое што претходно било применето во развиените земји, истакна денеска заменик министерот за земјоделство , шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски кој учествуваше на дебатата.
Тој посочи дека во минатото пред 2006 година зборот субвенции воопшто не беше познат како терминологија и што значи во пракса, бидејќи до 2006 година вкупниот износ на инвестиции севкупно во сите сектори во сите области во Македонија бил 5 милиони евра.
Од кога ВМРО-ДПМНЕ формира Влада, во Р. Македонија само во земјоделскиот сектор се вложени од 700 до 800 милиони евра. Тоа се значителни средства преку различни програми кои што овозможуваат поддршка на земјоделците и компаниите, рече Костадиновски.
За промена на состојбата во земјоделството Костадиновски нагласи дека од големо значење се директните средби со земјоделците, каде на лице место со самите земјоделци ги решаваат проблемите.
Тој ја посочи и мерката на Владата со доделување на државно земјоделско земјиште за оние кои сакаат да се занимаваат со земјоделие и додаде дека државното земјиштето е категоризирано и земјиште до 3 хектари ќе им биде доделено на самостојни земјоделци, а земјиште над 3 хектари ќе биде доделено на инвеститори кои ќе ангажираат невработени лица. Земјиштето ќе биде распределено во транспарентна постапка.
Костадиновски посочи дека заинтерсираноста на земјоделците за субвенции од Владата е голема и дека секоја година тој број се повеќе се зголемува поради различните мерки кои се воведуваат.
Само претходната година имавме апликации 75.000 и се одвојуваат субвенции во износ од околу 106 милиони евра. Со таа програма продолжуваме и периодот кој што следува, севкупно инвестициите изнесуваат до 145 милиони евра, вклучувајќи го и националното кофинансирање за ИПАРД фондовите. Севкупно во земјоделството ќе бидат вложени околу 150 милиони евра на годишно ниво и нормално преку различни другии мерки ќе се овозможат различни инвестиции, истакна Костадиновски.
Билјана Вуковиќ, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој истакна дека субвенциите за земјоделците се исплаќаат по утврден календар за исплата на субвенции кој е дел од програмата за финансиска поддршка на земјоделството веќе две години.
Досега во рамките на 2015 година исплатен е тутунот, исплатени се штетите кои ги претрпеа сточарите за угинување на добитокот од болеста син јазик, исплатени се поплавите како интервентна мерка за сите оние кои претрпеа штета на земјоделските стопанства во поплавите јануари, февруари и март оваа година, сега ќе започнеме со исплата на поледелските култури како што стои во календарот на исплати, истакна Вуковиќ.
Во врска со гласините дека субвенциите не се исплаќаат Вуковиќ вели дека секогаш ќе се најде некој од руралните средини што ќе каже дека не добил субвенции.
Јас одговорно тврдам дека тие што не ги исполнуваат критериумите од програмите и имплементирачките акти дека не добиваат субвенции. Тоа никако не значи дека не се исплатуваат субвенциите, потенцираше Вуковиќ.
Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделци истакна дека субвенциите за земјоделците се од особено значење и дека ако ги нема субвенциите најмалку 80% од земјоделците нема да се занимаваат со оваа дејност бидејќи земјоделството се смета за нерентабилно или нископрофитабилно.
Тој посочи дека присуството на земјоделците во Министерството за земјоделие е посебно значајно бидејќи и тие учествуваат во донесување на закони и се членови во Советот на министерот, а со самото тоа придонесуваат да се донесат позитивни одлуки кои ќе овозможат унапредување на земјоделството. Додаде дека со мерките на Владата може да се набави полесно механизација,а намелен е и данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто.