Субвенциите за земјоделците редовно се исплаќаат, а ќе се зголемуваат секоја година, рече денеска министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, во гостувањето на Дневникот на „Тв Алфа“.
Тој нагласи дека за оваа година од Буџетот се одвоени 140 милиони евра за субвенции.
„Минатата година одвоивме 135, годинава 140 милиони евра. Следните две години ќе се издвојуваат по 150 милиони евра. Следните четири години нови 590 милиони евра“, рече Димовски.
Тој потенцираше дека во изминатите седум години расположливото државно земјоделско земјиште е ставено во функција на распределба на над 7.700 земјоделци.
„Го зголемивме вкупниот обем на производство на отприлика 720 милиони евра. Секако, го зголемивме и вкупниот извоз на македонски земјоделски производи надвор од пазарот на Република Македонија во висина од над 500 милиони евра“, рече Димовски.