Сите судења каде судија е Горан Бошевски или е дел од судечкиот совет се одложени до назначување на нов судија, информираат од Основниот кривичен суд.
Денешното рочиште за судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија“, каде претседател на судечкиот совет е Бошевски не се одржа. Како што информираат, од Кривичниот суд, за биле известени сите странки во постапката.
Случајот „Траекторија“ се води против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски.
Според обвинението, чиј застапник е обвинителката Лиле Стефановa, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Нови членови на судечкиот совет, ќе треба да бидат назначени и во предметите „Шпански скали“ и „Талир 1“, каде Бошевски е член.
Случајот „Талир 1“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, го води судијата Осман Шабани, но ќе треба да биде назначен нов член на судечкиот совет на местото на Бошевски.
Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари 2019 година, а застапник на обвинението е поранешната СЈО Ленче Ристевска.
Во случајот обвинети се Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. Чингаровска призна вина и се спогоди со обвинителството, за што доби условна казна од две години. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Претседател на судечкиот совет за предметот „Шпански скали“ е судијата Владимир Туфегџиќ, кој сега ќе треба да добие нов член на судечкиот совет.
Во предметот обвинети се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и други 10-тина службеници, меѓу кои нотари и бизнисмени. Тие се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на плоштадот во Скопје, ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.
Судскиот совет на 377-та седница на 5 јули годинава, разреши еден судија, за како што информираше „поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција“ и дека тој „времено е оддалечен од вршење на судиската функција“.
Пред паѓање е и случајот „Топлик“ поради тоа што на поротникот Митко Сандев треба да оди во пензија а такво барање има и од Судскиот совет до претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.