Судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница повторно се одложи за 12 мај. Во Кривичниот суд во Скопје денеска присутен беше Жан Митрев со неговите бранители, додека пред судската зграда беа собрани десетина оштетени граѓани со транспаренти „профитер на грбот на болните” и „бараме правда”.
Причина за повторното одложување е тоа што одбраната не успеала да изврши увид во списите на предметот кои се уште се во Апелација.
Судот претходно го прифати барањето на Обвителството за замрзнување на имотот на клиниката, на која што одлука одбраната се жалеше пред Апелација.
Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, побара од Судот да се закажат повеќе следни рочишта за предметот да добие на динамика, додека одбраната на Жан Митрев побара доволен простор од најмалку два месеци за да се запознаат со списите на предметот, како и да се обезбедат соодветни услови за судење.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.