Судијата Бесник Авдија стана претседател на Граѓански суд – Скопје, иако имаше поднесено претставка за наводен секс скандал

Членовите на Судскиот совет имаа само пофални зборови за судијата Бесник Авдија, и покрај тоа што вчера во своите сандачиња добиле анонимно писмо со снимка од наводен секс скандал со судијата, јавува ММС.мк.

Авдија е избран за претседател на Граѓански суд – Скопје, оценет со 172 поени. Неодамна граѓанин за работата на судијата Авдија доставил две претставки до Судскиот советот. За претставките ги информирал и амбасадите на САД, Франција, Германија, Холандија и Делегацијата на ЕУ.

„По неговото именување како судија во Основен граѓански суд Скопје, Бесник Авдија како судија на овој суд, за неговите биолошки потреби вршеше сексуални дејствија со вработена во овој суд во службени простории на овој суд. За овој настан постои и видео клип. За тоа дека постои таков видео клип ви предлагам да се обратите до претседателот на овој суд, Илир Сулејмани и од него да побарате подетални информации“, пишува во претставката доставена пред две недели и во Судскиот Совет.

На седницата на Советот беше отворено и прашањето за анонимната претставка за судијата за настан кој се случил во 2019 година, а за кој се тврди дека судијата Авдија е фатен во неводен љубовен скандал.

За судијата Антоанета Димовска, која како член на Судскиот совет дојде токму од Граѓанскиот суд Скопје претставката е тенденциозна затоа што доаѓа на еден ден пред изборот.

„Точно е дека имаше анонимна претставка до судот и јас сум запознаена со тој случај. Но од она што може да се види, од она јас што го гледам, нема некоја пречка, а и не е поведена постапка за подетално да се утврди дисциплинска повреда на судијата. Сметам дека претставката е тенденциозна и се случува на ден пред изборот за настан што се случил во 2019 година. Испраќачот можел да поднесе претставка и досега“, рече Димовска.

За Мери Радева снимката за наовден љубовен скандал не е причина судијата Авдија да не биде избран за претседател на Основниот граѓански суд.

„Тоа не е причина затоа што нема утврдени факти, не е расправано по претставката. Доколку некогаш се утврди нешто поинаку тогаш овој совет ќе расправа по тоа“, рече Радева.

Лорета Георгиева кажа дека за неа е меродавно дека Авдија има менаџерски способности и дека сега тоа е најважно.

„Ова не е ништо ново. Со години се случува да има претставки за кандидати само за да се осуети нивниот избор и да се урне нивниот кредибилитет. За мене нема пречка да го гласам овој единствен кандидат доколку нема кривична одговорност, пресуда или одлука со кои би биле доведени во прашање неговите лични и професионална квалитети“, рече Георгиева.

„Видео снимка, за која се тврди дека е со Авдија и негова колешка, која работи во судот беше објавена пред неколку години. Во снимката се слуша како двојката прво се расправа, а потоа се смирува и завршува со бакнежи и гушкање“, се вели во објавта на ММС.мк.

Граѓанскиот суд – Скопје го води претседателот Илир Сулејмани, кој се очекува да напредува и стане апелациски судија.