Судии ќе се пензионираат, а Цревнковска вели намалувањето на кадарот штетно ќе се одрази врз функционалноста на судскиот систем

Пред Судскиот Совет стои предизвикот за кадровско пополнување на судовите, како со судии, така и со администрација, особено заради фактот дека следува период во кој многумина судии ќе ги исполнат условите за пензионирање, па како итност се отвора прашањето за избор на нови судии. Тоа го истакна претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, на конференцијата посветена Стратегијата за реформа во правосудсниот сектор 2017-2022, во организација на Институтот за европска политика и Асоцијацијата Зенит, со поддршка на Европската Унија.

– Иако во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017- 2022, но и во други документи, се посочува дека бројот на судии е поголем од европскиот просек кога се мери според бројот на населението, сепак нашите судии, според статистиката, имаат голем број предмети за решавање, па секое намалување на нивната бројност штетно ќе се одрази врз функционирањето на судскиот систем. Можеме во иднина да го отвориме ова прашање, особено кога ќе ги имаме резултатите од пописот, но потребно е време судовите да го совладаат големиот број предмети, а за тоа ни се потребни судии и судски службеници – рече Црвенковска.

Уште еден предизвик за Судскиот совет во следниот период, посочи таа, е финансиското осамостојување на судската власт со цел да се спроведат посуштински и посеопфатни реформи, а со крајна цел да имаме професионално и ажурно судство, но и задоволни граѓани кои ќе му веруваат.

– Советот е во постојана заложба за зголемување на средсвата кои се наменети за судството. Несомнено дека финансиската независност ќе ни донесе порационална распределба на средствата, ќе можеме побрзо и навремено да вработуваме, да планираме инвестиции, но и да се грижиме секој суд да функционира и да ја исполнува основната задача – низ транспарентни постапки да носи квалитетни пресуди, нагласи Црвенковска.

Во однос на насоките од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, таа истакна дека голем дел се реализирани, зголемена е транспаретноста на Судскиот совет со тоа што седниците на Судскиот буџетски совет се отворија за јавноста, а отворени остануваат и седниците на Судскиот совет.

Црвенковска ја посочила Методологијата со индикатори преку која ќе се утврдува сложеноста на судските предмети, документ кој неодамна е усвоен и кој наскоро ќе има пилот проект.

– Методологијата со индикатори ќе овозможи соодветна распределба на предметите, а судиите ќе ги ослободи од натрупаност со предмети, или едноставно судовите ќе испорачуваат поефикасна и навремена правда. Започнуваме со поставување на дигиталниот механизам преку кој ќе се внесуваат податоците за предметите, како докази, сведоци, планирани судења… и сето тоа ќе го означи предметот по својата сложеност. За почеток се предвидуваат три пилот судови, за потоа методологијата да се применува од страна на сите судии – рече Црвенковска.