Зад затворени врати и без објаснување, Судскиот совет изминатава година разрешувал но и именувал судии. Анализата на „Коалиција сите за правично судење“ покажа дека јавноста изминатава година останала без клучните одговори – зошто некој од судиите повеќе не е судија или зошто некој од судиите има предност и е унапреден на повисока позиција.
„Отсутството на образложенија во решенијата со кои се назначуваат односно разрешуваат судиите е она што е клучно и што недостасува, како би можело да се направи прецизна проценка на аргументацијата и дали навистина е имплементиран оној систем на заслуги во назначувањето и изборот на судиите“, рече Натали Петровска, „Коалиција сите за правично судење“.
Дополнително, Судскиот совет оставил впечаток во јавноста дека можеби членовите на ова тело, пред да одлучат прво се договараат меѓу себе.
„Во самата анализа е констатирано тоа. Пред седниците на Судскиот совет, вообичаена пракса изминатава година беше одржување на неформални колегиуми, кои оставаат впечаток дека веќе претходно ги одлучуваат и решаваат некои од прашањта кои се тема на денот“, додава Петровска.
За претседателката на Судскиот совет, судските скалила, судиите ги искачувале само врз база на заслуги.
„Преку мерливи квалитатвни критериуми да ги избере или унапреди судиите со цел Судскиот систем да го направи функционален и достапен“, рече Павлина Црвенсковска, Претседател на Судски совет.
Коалицијата Сите за правично судење во извештајот нотираше дека најголемиот дел од претставките на граѓаните за несовесно работење на судиите, Судскиот совет ги одбива како неосновани.