Судските случаи за криминал и за висока корупција 3 години ќе ги набљудува ЕУ

ОБСЕ и ЕУ денеска го одбележаа почетокот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ.

Набљудувањето на судските процеси ќе почне во јули 2021 година и ќе трае до декември 2023 година.

Амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која, на одбележувањето на стартот на проектот истакна оти предвидува дека Мисијата на ОБСЕ во рамки на овој проект ќе набљудува приближно 50 високи и средно високи случаи на организиран криминал и корупција.

– Методологијата е изработена согласно добрите практики на ОБСЕ за следење на судењето. Специфично е дизајнирана да одговори на целите на проектот, овозможува и компаративна регионална рамка, вклучително развој на специфични алатки неопходни за следење на судењето, истакна Која.

– Проектот исто така ќе ги идентификува проблемите и празнините и ќе придонесе за развој на политики со кои тие ќе се решаваат. Релевантните институции ќе имаат придобивки од добивање поддршка преку градење капацитети, како и подобрување во институционалната поставеност и креирање политики, рече амбасадорот на ОБСЕ, Која.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето излагање кажа дека ефикасен, фер и судски систем што дава доверба е суштински дел на владеење на правото во секоја земја.

– Без владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал излегуваат надвор од контрола. Државата може да биде заробена од приватни интереси. Расте незадоволството на јавноста, доведувајќи до несигурност и нестабилност. Не треба да кажам повеќе, тоа сте го виделе порано. И ние тоа сме го виделе, повеќето земји, кои сега се членки на Унијата биле сведоци на слаб правосуден систем. Поради тоа владеењето на правото е еден од фундаментите врз кои е основата Европската Унија – рече Гир.

– Развојот на правосуден систем којшто ќе биде ефикасен во борбата против корупцијата и организираниот криминал не е само важен во контекст на идно членство во ЕУ, туку е од круцијално значење и за самите граѓани. И самите знаете дека граѓаните постојано се жалат на корупција, и бараат реформи, напредок и промена на оваа ситуација – рече Гир.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање на одбележувањето на активностите за мониторинг на судските процеси, истакна дека следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал навистина може да биде еден од начините за постигнување позитивни резултати.

– Тоа ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите, истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава, истакна Маричиќ.

Според него, фактот што ние сме првата земјава во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на предмети за висока корупција, покажува дека Владата има искрена намера за неселективна правда и транспарентни судски процеси.

Клучни крајни корисници се кривично-правните системи како главни инструменти за борба против организираниот криминал и корупцијата.