До реакцијата на НетПрес пристигна документ, кривична пријава против министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Скопје и Гајур Кадриу директор на Македонија пат Скопје.
Кривичната пријава е доставена до Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на непознат подносител.
Според објаснувањето во кривичната пријава, министерот Горан Сугаревски и директорите ја Македонија Пат и Јавното претпријатие за државни патишта, при реконструкцијата и рехабилитацијата на пат во должина од шест километри во Крива Паланка, работеле спротивно на Законот за градење и прописите за ваква градба.
Имено, во пријавата се вели дека не постоел проект за изградба на патот, со што се направило директно прекршување на Законот за градење. Поради фактот што немало проект, не се овозможило ниту ревизорска куќа да има увид дали проектот ги исполнува градежните стандарди.
Според пријавата, изградбата на патот најверојатно ја немала ниту потребната дозвола за градба поради претходните прекршувања во постапката и немањето потребна документација. За реконструкцијата и рехабилитацијата на овој патен правец не била распишана ниту јавна набавка за изградба на патот, а немало ниту јавна набавка за надзор на изградбата.
Понатаму, во пријавата се вели дека поради горенаведените процедури кои требале да претходат на изградбата, а биле занемарени, во овој случај станува збор за најфлагрантен пример на кршење на законот како и злосторничко здружување за извршување на кривично дело од страна на пријавените лица.
Непознатиот поднесител на пријавата бара да се поведе истрага за сторените кривични дела со цел обезбедување докази и поведување постапка пред належниот суд, да се истражи и дали имало вмешаност на други лица, како и истите да бидат прогласени за виновни и казнети соогласност законот.