Целата афера излегла на површина откако неколку фудбалери од хрватската селекција не ги добиле 40-те билети, колку што им следувале за секој меч, па потоа анонимно било пријавено дека постои сомнеж за препродажба на билети. Во пријавата која стигнала до ДОРХ, Давор Шукер, првиот човек на ХНС лично ги подигнал сите влезници, но сите билети не завршиле во рацете на играчите, туку дел од нив биле препродавани.
Светската фудбалска федерација (ФИФА), пак, во допис објавила дека собира информации за наводната злоупотреба на билети за Мундијалот во Русија.
„Собираме информации за посочениот случај. Засега немаме детален коментар. Илегалната продажба и дистрибуција на билети се смета за сериозен проблем, а имоликациите за тоа се многу сериозни. ФИФА и порано започнувала акции против такви работи“, објавиле од централата.
Последен голем функционер во фудбалот кој настрада за препродажба на билети беше бившиот генерален секретар на ФИФА, Жером Валке, кој потоа беше суспендиран на десет години за било каква фудбалска активност.
Ова е само продолжение на аферата „билети“ која во Хрватска започна откако беше објавено дека најпознатиот спортски коментатор, Драго Ќосиќ препродавал билети за СП, откако ФИФА фатила четири билети по цена од 18.500 евра, кои се продавале на црниот пазар за мундијалското финале во Москва. Потоа ФИФА до детали дошла по истрагата спроведена и заедно со ЕБУ, дека билетите припаѓаат на хрватската телевизија (ХРТ) и дека биле нарачани од централата на ХТВ во соработка со Ќосиќ.