Северна Ирска има „посветла иднина“ со повторно воспоставување на децентрализирана влада по двете години застој, рече британскиот премиер Риши Сунак за време на посетата на Белфаст во неделата.
Мишел О’Нил од Шин Фејн во саботата беше именувана за прва министерма. Тоа беше првпат некој од редовите на ирските националисти да ја заземе оваа должност, во историска пресвртница за овој регион на Обединетото Кралство.
Поделбата на власта во регионот беше клучен дел од мировниот договор од 1998 година, кој стави крај на децениското политичко и секташко насилство.
Владата на Сунак посредуваше во договорот со пробританската Демократска унионистичка партија (DUP) за да се овозможи враќање на поделбата на власта со олеснување на трговските спорови по Брегзит.
„Сите работеа напорно за да дојдеме до овој момент, сите се посветени на тоа да функционира договорот“ за доброто на народот на „Северна Ирска кој предолго беше без својата децентрализирана влада“, рече британскиот премиер Сунак.
Шин Фејн е поранешното политичко крило на Ирската републиканска армија (IRA), која се залага од двете страни на ирската граница за крај на британското владеење во Северна Ирска и создавање обединета Ирска.
О’Нил изјави за Sky News во неделата дека „можеме да ја споделиме власта, можеме да ја направиме стабилна, можеме да работиме заедно секој ден во однос на јавните услуги, а во исто време да ги следиме нашите подеднакво легитимни аспирации“, рече таа.
Сунак, сепак, рече дека фокусот треба да биде на јавниот сервис и дека „сите се посветени на Договорот од Велики петок во Белфаст, но мислам дека сите се согласуваат дека сега е време да се фокусираме на решавање на секојдневните прашања што се важни за луѓето, за семејствата и бизниси во Северна Ирска“.
Сунак подоцна во понеделникот треба да се сретне со О’Нил и со заменичката на DUP, Ема Литл-Пенгали, соопшти неговиот кабинет.