Суспендирани вработени во затворот „Идризово“ поради ископаниот тунел

Има суспендирани за ископаниот тунел во дворот на затворот „Идризово“, уверува новиот директор на казнено-поправната установа, Зоран Јовановски, во интервју за „Макфакс“, и најави детали за одлуката откако ќе биде поднесен обвинителниот акт.

– Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се, ниту пак какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Наскоро очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките – вели директорот Јовановски.

Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред еден месец, а од МВР известија дека знаеле за него два месеца претходно. Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници осудени за сериозни кривични дела со казни од 10 години до доживотен затвор. Тунелот е долг 40 метри, осветлен и заштитен од уривање со потпори и водел кон заштитната ограда на затворот.